Претставени Извештаите за оцена на состојбите во управувањето со отпадот во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион

(01.07.2016) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, денеска, ја отвори првата национална работилница на проектот „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион“на која беа претставени Извештаите за оцена на состојбите во управувањето со отпадот за сите четири региона.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски по тој повод изјави:

- Пристапот на информациите до јавноста (транспарентноста), учеството на заинтересираните страни во процесот на одлучување, проценката на ризикот, избор на најдобра опција, планот за подобрување, мониторингот, се само дел од алатките кои овозможуваат објективност во одлуката дали одредени сценарија кои ќе бидат опфатени во планските документи се прифатливи или не за општините и воопшто за државата. Ако кон ова се додаде и проценката на социо-економските влијанија, јасно е дека се работи за документи со кои максимално ќе се избегнат негативните ефекти врз животната средина при спроведувањто на проектите за управување со комуналниот отпад, како и квалитетно спроведување на националната политика, во насока на остварување на целите на одржлив развој.

Проектот е инициран од Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамките на ИПА и е имплементиран од ENVIROPLAN S.A. (лидер) со своите конзорциумски партнери LOUIS BERGER, BiPRO GmbH, EPEM S.A., SLR Consulting Ltd.