Прес-конференција на Владата на РСМ: 10 илјади семејства во Тетово, Битола, Кичево и Скопје ќе добијат по 1000 евра за набавка на клима инвертери

Press_Vlada_MZSPP_1(09.10.2019г.) На заедничка прес-конференција, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули ја презентираа еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинства во општините Битола, Кичево, Тетово и Градот Скопје. Субвенционирани, со по 1000 евра ќе бидат 10 илјади семејства кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што сериозно влијаат на загадувањето на воздухот. Информацијата за оваа мерка беше разгледана и усвоена на вчерашната редовна 158 седница на Владата на Република Северна Македонија.

На прес-конференцијата беше потенцирана силната посветеност на Владата на РСМ за справување со изворите на загадување на воздухот како единствено правилен пристап во решавањето на проблемот со аерозагадувањето. Согласно истражувањата направени во изминатиот период, затоплувањето е детектирано како најголем извор на загадување на воздухот со ПМ честички и од таа причина, како што изјави премиерот Зоран Заев во своето обраќање, покрај активностите предвидени во Планот за чист воздух, како една од клучните мерки против загадувањето на воздухот, на предлог на Министерството за животна средина е прифатена еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за домаќинствата кои се греат на дрва или на други нееколошки енергенси и уреди.

Оваа мерка ќе опфати 10.000 домаќинства, и тоа во градот Скопје 5200 домаќинства, во општина Битола 2500 домаќинства, во општина Тетово 1500 домаќинства, и во општина Кичево 800 домаќинства. Првенствено е наменета за домаќинства чии месечни примања не надминуваат 30 000 денари и кои не се наоѓаат во зони во кои постои можност за приклучување на топловодни системи или кои ќе бидат опфатени со гасификација.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев посочи дека реализиацијата на мерката е овозможена како резултат на успешното и домаќинското работење на Владата и АД Електростопанство на Северна Македонија, при што во енергетското претријатие се направени значителни заштеди во изминатите две и пол години, а со овој проект тие заштедени средства се насочени токму кон граѓаните и кон заштита на животната средина. Инаку, за имплементација на мерката се задолжени АД Електростопанство на Северна Македонија која ќе распише јавен повик за домаќинствата и за компании кои имаат капацитет да ги обезбедат и високоефикасните инвертер клима уреди сисполнети потребни стандарди.

Press_Vlada_MZSPPЗа да се обезбеди транспарентност и инклузивност во реализацијата на мерката, ќе се формира комисија составена од претставници на трите ресорни министерства: Министерство за животна средина и просторно планирање, Канцеларија на кабинет на вицепремиер задолжен за економски прашања и Министерство за економија во која на покана на Владата ќе членуваат и претставници на две граѓански организации номинирани од Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор.

За начинот и текот на постапката за замена на печките на тврди и фосилни горива, граѓаните ќе бидат детално запознаени преку кампања од јавен интерес, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули нагаласувајќи дека на тој начин граѓаните ќе бидат запознати и ќе им се помогне на наједноставен можен начин да бидат корисници на оваа мерка. Исто така, и општините кои се дел од овој процес искажаа подготвеност за целосна соработка во имплементација на мерката и отварање на посебни канцеларии за комуникација и подршка на процесот – изјави Макрадули.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во своето обраќање ги повика граѓаните активно да учествуваат во реализацијата на мерките за намалување на загадувањето на воздухот, нагласувајќи дека само доколку дејствуваме заедно ќе можеме да ги постигнеме саканите разултати.

- Секој наш правилен чекор во намалувањето на загадувањето ќе има позитивен ефект и обратно- изјави Нуредини.