Презентиран иницијалниот Извештај за карактеризација на езерата во Дримскиот басен

4Денеска во Скопје беа претставени клучните наоди на Иницијалниот извештај за карактеризација на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро, подготвен во согласност со Рамковната директива за води на ЕУ.

Извештајот е изработен во рамките на проектот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) за регионална конзервација и одржлива употреба на биодиверзитетот на Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро и во него се претставени биолошките, хемиските и геоморфолошки елементите на состојбата на водните басени на езерата, а воедно ги дава и насоките за квалитетен мониторинг на состојбите и квалитетот на водите во езерата.

Нагласувајќи дека основна цел на овој проект е да се заштитат водите во регионот и со нив да се управува следејќи ја европската легислатива, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, м-р Стево Темелковски во своето обраќање истакна:

- Извештајот претставува завршување на една и поттик за почнување на втората фаза од Проектот за заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот Басен. Како што соработката соGIZ на ова поле беше интензивна и енергична во првата фаза, очекувам дека со ист и посилен интензитет ќе продолжи и во втората фаза, за која деновиве заеднички ќе ги утврдиме приоритетите на кои ќе се работи.

На презентацијата се обрати и заменик амбасадорот на Р. Германија во Р. Македонија, Ханс Хелге Сандер.

- Ова е одличен прв чекор кон остварување на целта кон која се стремат земјите членки на ЕУ и земјите со кандидатски статус за пристап кон ЕУ – добар квалитет и одржливо управување на водите до 2015 година. Со оглед на задоволителната состојба на протечните и непротечните води на територија на Р. Македонија, вашата држава со релативно мали инвестиции ќе може да ја постигне таа цел – изјави тој.

За повеќе од две години, проектот ги поддржа крајбрежните земји на трите езера во заштитата на нивните природни ресурси и биодиверзитет и тоа во четири централни области:

• Мониторинг на флората и фауната во согласност со Директивата за живеалишта на ЕУ

• Следење на рибата и управување со риболовот

• Заштита и реставрација водните живеалишта

• Карактеризација и дефинирање на целите во однос на заштита на животната средина на езерата согласно Рамковната директива за води на ЕУ

Презентирањето на Иницијалниот извештај за трите езера претставува важен чекор за крајбрежните држави кон управување со речни сливови во согласност со европското законодавство и во исто време, почеток на следење на проект со ист наслов (CSBL), но со нови цели.

Иницијалниот извештај, во исто време ги рефлектира придобивките од прекуграничната и интердисциплинарна соработка меѓу министерствата, надлежните органи, универзитети, невладини организации и експерти од трите држави и придонесува за создавање на заедничка база на податоци на квалитетот на водата, а со тоа и подобрување на размената на знаења и управување.