Потпишан договор за израбока на Национална стратегија за заштита на природата

1(29.07.2015) Нурхан Изаири, министер за животна средина и просторно планирање, Сузана Јовановска, управител на трговското друштво за издавачка дејност, картографија, градежништво и услуги „ГЕОМАП“ ДОО – Скопје, како најдобар понудувач избран на јавен тендер и Марјонка Велјановска, управител на „Фармахем“, програмски координатор на програмата за зачувување на природата во Македонија, потпишаа Договор за изработка на Национална стратегија за заштита на природата. Според договорот, покрај Национална стратегија за заштита на природата, ќе биде изработена и Студија за состојбата со геодиверзитетот и геолошкото наследство во Македонија.

Изработката на Национална стратегија за заштита на природата претставува само една компонента од проектот „Програма за зачувување на природата во Македонија“, кој има за цел да поддржи активности за зачувување на биолошката разновидност и природните екосистеми преку промоција на нивно одржливо управување и користење.
Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект координиран од „Helvetas Swiss Intercooperation“ од Швајцарија и „Фармахем“ од Скопје, а е финасиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) во Македонија.

Изготвувањето на Стратегијата за заштита на природата е предвидено и во Стратешкиот план на МЖСПП (2015-2016г.), во Националниот еколошки план (НЕАП 2) и во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, во делот за природа (2015г.).

Стратегијата претставува многу важен документ со кој ќе се одредат целите и насоките за зачувување на природата за наредните десет години.
Со изработка на Стратегијата за заштита на природата ќе се обезбеди поефикасна имплементација на националната легислатива за заштита на природата и спроведување на обврските на Република Македонија кои произлегуваат од меѓународните ратификувани документи (конвенции и договори) од областа на заштитата на природата, како и на ЕУ директивите за живеалишта и птици. Воедно, со изработка и донесување на стратегијата ќе се унапреди процесот на хармонизација на националното законодатсво со ЕУ законодавството од областа на заштита на природата.