Потпишани договори за реализација на Програма за инвестирање во животната средина за 2015 година во делот на подобрување на квалитетот на водите

DSC_0121(15.05.2015г.) – Заштита и подобрување на квалитетот на водите останува еден од главните приоритети на Министерството за животна средина и просторно планирање кои ги реализираме и преку активна финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа со инвестиции во доменот на водоснабдување, собирање и третман на отпадни води – истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири во воведното обраќање на потпишувањето на првите 5, од вкупно 30 договори за средства кои ги доделува Министерството согласно Програмата за инвестирање во животната средина и Конкурсот за распределба на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа животна средина за 2015 година.

Прифатените проекти се опфатени со точка 1 од Програмата која се однесува на Изработка на техничка документација и реализирање на проекти и активности за заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите.

Во овој прв циклус се потпишаа договори со градоначалникот на општина Гостивар, Невзат Бејта за „Изградба на фекална канализација во с.Дебреше“, во должина од 1500 метри; со градоначалникот на општина Желино Фатмир Изаири за „Изградба на фекална канализациона мрежа за населено место Палатица“ при што ќе се обезбеди приклучување на 100 домаќинства, јавни и деловни објекти кон канализационата мрежа; со градоначалникот на општина Чучер Сандево Јован Пејковски за „Реконструкција на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Блаце“; со градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски за „Изградба на секундарна фекална канализација по ул. 37 и 22 во населено место Сингелиќ“ и со градоначалникот на општина Боговиње, Хазби Идризи за „Основен проект за фекална канализација за населени места во општината Боговиње и тоа во: Боговиње, Камењане, Калник, Жеровјане, Синичани и Горно Седларце.

Програмата за инвестирање во животната средина за 2015 година во подобрувањето на квалитетот на водите на целата територија на државата планирана е инвестиција од приближно 50 милиони денари.