Официјална средба на Министерот за животна средина и просторно планирање, г-дин Насер Нуредини со Амбасадорот на Словачка Република Н. Е. Хенрик Маркуш

Nuredini_Slovacki_ambasador_1(06.08.2019г) На 6-ти август, 2019 година министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини одржа средба со амбасадорот на Словачката Република Н. Е. Хенрик Маркуш.

Амбасадорот недвосмислено ја изрази силната поддршка што Словачката Република ја дава за евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија. Имено, Словачка е меѓу првите земји членки на ЕУ што го ратификуваа Протоколот за членство на Република Северна Македонија во Алијансата и го депонираа во седиштето на НАТО.

На средбата се дискутираше за заклучоците од потпишаниот Протокол од втората сесија на заедничката Комисија за економска соработка каде што двете страни изразија спремност за формализирање на билатералната соработка од областа на животната средина преку потпишување на меморандум за разбирање во најблиска иднина. Исто така, словачката страна понуди своја техничка помош и експертиза за Поглавјето 27 „Животна средина“ преку пренесување на искуства конкретно во интегрирано спречување и контрола на загадување од индустријата, климатски промени, управување со отпад и третман на отпадни води.

Министерот Нуредини изрази почит и благодарност за укажаната поддршка и изрази уверување дека со напорна и заедничка работа, со правилен пристап и поддршка, можеме да бидеме одличен пример за регионот.