Одржана работилница за утврдување на иновативни концепти за „одржлив“ развој на големите градови на Балканот

1(17.05.2016г.) Денеска министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети и амбасадорот на Франција во Македонија Н.Е. Лоренс Оер го отворија семинарот на тема: “Новите градови на Балканот: Реконструкција за иднина?“, на кој се дискутираше за иновативни концепти на „одржливо“ урбано планирање и развој на градовите во Западен Балкан.

Истакнувајќи дека денешното уредување на градовите е пред сериозен предизвик на обезбедување на баланс помеѓу економскиот подем, социјалниот и културен напредок и заштитата на животната средина, министерот Амети во воведното обраќање додаде:

- Сметам дека е особено значајно да се обезбеди адекватно урбано планирање со заедничка примена на неколку политики кои се значајни фактори во реализација на концептот на ,,одржливи“ градови. Тука мислам пред се на транспортна политика, политика за постапување со отпадот, изградба на енергетско-ефикасни објекти, регулирање на речните корита и слично. Исто така, активностите кои се изведуваат на локално ниво придонесуваат, во голем процент, за емисиите на локални и глобални загадувачи. Поради тоа е важно да се направи идентификација на изворите на овие гасови и секторите во рамките на општината, со што ќе се дојде до одговорот каде се потенцијалите за нивно намалување и ќе се превенираат идните ризици.

Според министерот Амети, потребно е натамошно зајакнување на регионалните и локалните структури за имплементација на националното законодавство, како и за зголемување на апсорпционите капацитети за странска помош.

На работилницата гостуваа познатиот француски специјалист по политичка географија, Жак Леви и заменик директорот на агенцијата „Акитен Нимерик“, Лоран-Пјер Жилијар.

Во рамки на работилницата се одржаа две панел дискусии на тема „Престолнините за 30 години: предизвици на иднината“, на која се разговараше за предизвиците на урбанизмот, поделбата на рурални и урбани средини, прашања поврзани со процесот на управување со големи просторни површини наследени од минатото или изградени во кус временски рок, социјални станови, односи меѓу заедниците, социјални разлики, иновации преку технологијата или архитектурата, улога на автомобилот како превозно средство и јавен превоз и „Мудри градови, нови технологии“ на која беше разгледана улогата на дигиталните алатки во процесот со раководење на градот, иновативните проекти во насока на подобрено управување со сообраќајот и набљудување на оперативните зафати.

Работилницата е во организација на Францускиот институт во Скопје.