НУРЕДИНИ: Нема компромис со животната средина

Nuredini_PresMZSPP_1„Иако ни претстои период со здравствени и економски предизвици, како Министер за животна средина и просторно планирање ќе се залагам да нема компромиси со заштитата на животната средина, како и да не се занемари климатската криза пред која е исправен целиот свет. Би сакал да истакнам дека ако нешто научивме оваа година, тоа е дека здравата животна средина е предуслов за исполнување на сите човекови права, за нашето здравје, за рамнотежата во екосистемите. Истовремено видовме и дека државите можат да преземаат радикални чекори кога тоа е потребно“ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на првата конференција за медиумите по добивањето на доверба за повторен мандат, која денес се одржа во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Презентирајќи задачите и целите од Мандатното писмо, како и планот за работа за првите 100 дена министерот Нуредини истакна: „ Особено ми е драго што во Програмата на Владата на РСМ за 2020 – 2024 се забележуваат сериозни цели во насока на унапредување на состојбите со животната средина и очекувам дека покрај заложбите на Министерството за животна средина и просторно планирање, сите чинители на општеството, сите институции и колеги ќе ја дадат поддршката, ќе вложат напори од својот аспект на работење и ќе ги исполнат своите обврски, во насока на спроведување на зацртаните политики. Без преземање на координирани стратешки активности и креирање на синергии со сите чекори кои ќе бидат преземени на државно ниво, не можеме да го постигнеме одржливиот развој и посакуваниот квалитет на животната средина.

Jас ќе продолжам да инстистирам на одржливи капитални инвестиции кои ќе ја подигнат економијата, истовремено ќе го подобрат стандардот на граѓаните, но и ќе значат исполнување на барањата во однос на Поглавјето 27 од преговорите за нешто пристапување кон ЕУ.

Во изминатиот период вложуваме сериозни напори за да ги исполниме европските еколошки стандарди преку хармонизација на нашето законодавство, имплементација на принципите на Зелениот договор на ЕУ и меѓународните конвенции.

За таа цел веќе се подготвени и ќе бидат во најкус можен рок доставени до Собранието измени на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух каде се врши транспозиција на европското законодавство во поглед на обврските на локалната самоуправа за изготвување и спроведување на Планови за воздух, како и се предвидени конкретни задолжителни мерки на локално, но и државно ниво во насока на справување со појавите на високи концентрации на загадувачки супстанции во воздухот.

Исто така, изготвени се измените на Законот за животната средина каде е предвидена прецизна методологија за идентификација и спроведување на план за ремедијација на жешките точки од историското индустриско загадување во земјата.

Истовремено се работи на измени на сите закони од областа на животната средина во насока на заострување на казните за прекршоци од областа на животната средина, односно сме во координација со Министерството за правда за исклучување на ограничувањата на висината на глобите согласно Законот за прекршоците.

Во областа на управувањето со отпадот, веќе се спроведоа расправите и е завршен процесот на јавна консултација на 6 нови закони за управување со отпадот, со кои се предвидува унапредување на примарната селекција на посебните текови на отпад, посебен режим на покрај постоечките текови, исто така и на управувањето со отпад од возила, гуми, масла и текстил, се предвидува забрана на екстралесните пластични ќеси, се зголемуваат целите за рециклирање и се имплементираат принципите на циркуларната економија. Овие закони веќе се во меѓуресорска хармонизација во Владата и очекуваме да бидат доставени до Собранието во првите 100 дена од мандатот.

Веќе се изготвени и првите нацрти на новиот Закон за природа, како и Закон за климатска акција и Закон за индустриски емисии. За кои последователно ќе започне и процесот на консултација со јавноста.

Како што веќе најавив, мои приоритети во ресорот се справувањето со аерозагадувањето, унапредувањето на управувањето со отпадот и отпадните води, заштитата на природата и биодиверзитетот, како и обезбедувањето на чиста вода за сите.

Од аспект на аерозагадувањето, ќе го зголемиме бројот на мерни станици, и можам да соопштам дека веќе деновиве се подготвува теренот и се очекува пристигнувањето на нова мерна станица во Гевгелија. За подобар пристап на граѓаните до овие податоци, ќе изработиме нов лесен и транспарентен софтер за употреба. Во нашиот информативен систем веќе може да биде видена тридневна прогноза за поволни временски услови за загадување, а истиот ќе го поврземе и со постоечкиот систем за рана најава на УХМР.

Започнавме активности за координација со другите надлежни институции за подобра контрола и на цврстите горива за греење, односно воведување стандард за пелети.

Nuredini_PresMZSPP_5Во меѓувреме ние веќе работиме на интеграција на енергетските и климатските политики, како и Долгорочната стратегија за климатска акција, што значи интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, а што истовремено ќе има ефект и на намалувањето на емисиите на загадувачките супстанции во воздухот.

Во таа насока, ги повикувам инспекциските служби од сите области, и во рамките на Владата ќе барам засилување на капацитетите, за соодветна контрола на теренот и казнување на секаков вид на загадување. Ќе се заложам за подобра координација и кооперација на овие служби.

Заедно со Владата, ќе се обезбедат средства за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и замена на нееколошките начини на греење до 2024. Можам да споделам дека веќе имаме изработено иницијално мапирање на државните установи кои се греат на мазут и се работи на програмирање на средствата.

Од областа на отпадот, покрај предлог законите, во моментов е во процес стратешката оценка на влијанието врз животната средина на Националниот план за управување со отпадот од 2020 до 2030 година, а ги донесовме и сите плански документи за регионалниот систем за управување со отпад во 7те региони. Во наредниот период фокусот ќе ни биде во помагање на општините во изнаоѓање на средства за спроведување на тие планови и потребната инфраструктура.

Би сакал да споделам со јавноста дека покрај тоа што оваа недела безбедно беше преточен и подготвен за транспорт и извоз од земјата винил хлорид мономерот во Охис, исто така успешно е завшрен тендерот за избор на изведувач за ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан во кругот на Охис. Завршена е административната процедура на потпишување на Договор со избраниот понудувач, сега следи одобрувањето на деталниот план за ремедијација и активности за обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен и чистење на историската депонија.

Во мојот нов мандат, сериозно ќе се вложам и за заштитата на нашите природни богатства. Особено ми е драго да соопштам дека вчера беше објавен Нацрт-Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк по кој во наредните 30 дена ќе може да се доставуваат коментари и ќе бидат спроведени 4 јавни расправи. Истовремено, би сакал да информирам дека овој месец беа спроведени и јавните расправи по Одлуката за прогласување на дел од Осоговските планини за заштитен предел и по постапувањето на забелешките, заедно со предлог законот за Шара, очекувам следниот месец да бидат влезени во владина процедура за усвојување.

Се работи веќе на студии за валоризација на низа нови подрачја како и Охридското Езеро, но и на плановите за управување на Галичица, Пелистер и новиот парк Шара. Веќе го доставивме до Владата предлогот за прогласување на заштитено подрачје на Студенчишко блато, како и е подготвена апликацијата за номинација на Охридското Езеро пред Рамсарскиот комитет. Прогласувањето на заштитата на Водно веќе е во владина процедура, а се финализира и иницијативата за Матка.

Работиме на подобрување на мониторингот на водите на целата територија и меѓуинституционална координација, а веќе одржавме и низа состаноци со експерти, а вчера ја имав и втората средба со градоначалникот на Ресен за следни чекори во врска со намалениот водостој на Преспанското Езеро. Можам да известам дека процесот на номинација на наши претставници, како и членовите од Грција во меѓународниот Преспа Парк Комитет заврши, во очекување сме само уште на номинацијата од Албанија.

Во поглед на просторното планирање, во мојот маднат ќе биде императив подготовката на нов просторен план на Република Северна Македонија за наредните 15 години.

За крај, сакам да ги уверам граѓаните на Република Северна Македонија дека и натаму, моите водечки вредности во работењето ќе останат транспарентноста, професионалноста и ефикасноста.

За мене, заштитата на животната средина значи размислување не само на сегашноста, туку и на иднината која ја посакуваме за следните генерации. А, тоа е возможно единствено со грижливо користење на природните ресурси, циркуларна економија и зелени работни места.