Министерот Нуредини оствари средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар

31.08.2020Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на првиот ден од неговиот нов мандат, оствари средба со евроамбасадорот во заминување Самуел Жбогар.

Изразувајќи взаемно задоволство од досегашната соработка, министерот Нуредини информираше за статусот на реализација на проектите од областа животна средина помогнати од Европската Унија преку ИПА програмите. Притоа, Нуредини изразувајќи надеж дека добрата соработка ќе продолжи и во периодот по заминување на Жбогар, истакна дека ќе вложи сериозни напори во исполнување на европските еколошки стандарди преку координирани стратешки политики и градење синергии со сите расположиви ресурси. Тој како приоритети ги посочи аерозагадувањето, управувањето со отпадот и отпадните води, заштитата на природата и обезбедувањето на чиста вода за пиење.

Искажувајќи задоволство од посветеноста на Министерот и Министерството во исполнувањето на обврските од Поглавјето 27  како подготовка на државата за пристап кон Европската Унија, но и од напредокот во реализацијата на проектите со искористување на финансиската помош од ЕУ преку ИПА програмите, евроамбасадорот Жбогар му честиташе на министерот Нуредини за назначувањето и му посака успех во реализација на поставените цели.