Министерот Изаири ја посети истражувачката лабораторија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

stip5(24.03.2016г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, државниот секретар при Министерството, д-р Соња Лепиткова и продеканот на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски, денеска, ја посетија лабораторијата при Универзитетот, која е една од најопремените и најсофистицираните лаборатории во Р. Македонија.

При посетата, продеканот Мираковски ја презентираше работата на лабораторијата за мерење на квалитет на амбиентниот воздух и персонална експозиција на цврсти честички, во чии рамки влегува и лабораторијата за мерење на бучавата.

Воедно, беше посетена и лабораторијата за хемиски анализи на загаденост на почви, води и воздух од тешки метали, како и пестициди.

Сите лаборатории во склоп на Штипскиот Универзитет се акредитирани со повеќе методи, а исто така и извештатите кои ги доставува се акредитирани со европските стандарди. Сето ова го поставува штипскиот универзитет како лидер во државата по опременост и акредитација на лабораторијата, како од технички така и од персонален аспект.

Со тоа овој универзитет целосно ги оправдува средствата обезбедени од државата за опремување на лабораторијата.