Министерот Изаири ја отвори работилницата за хидрометеоролошки услуги и климатски промени

DSC_1086(23.09.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска, се обрати на отворањето на работилницата која се одржа во х.Континентал во Скопје, во рамки на проектот: „Градење на виртуелен западно балкански центар за хидрометеоролошки услуги и климатски промени“.

Нагласувајќи дека климатските промени се прашање на кое Владата на Република Македонија посветува сериозно внимание преку исполнување на обврските на национално, регионално и меѓународно ниво, министерот Изаири во своето обраќање додаде:

- Нашата држава е 23-та држава во светот која во месец август оваа година го изработи, усвои и достави т.н. Национален придонес за климатски промени. Со овој документ го даваме својот придонес кон глобалните напори за намалување на климатските промени и даваме поддршка на целиот процес кој се води од страна на Обединетите Нации.

Тој најави и дека во месец ноември ќе се одржи Министерска конференција на тема “Во пресрет на самитот во Париз, предизвик на државите членки на Централно Европската Иницијатива (ЦЕИ)“.

Денешната работилница претставува континуитет на севкупните активности кои ги превзема Р. Македонија во пресрет на Самитот за клима во Париз и во рамките на претседателството на РМ со Централно-европската иницијатива. Во неа учество земаа претставници од меѓународните институции: Светската метеоролошка организација, Европската комисија за истражување, Универзитетот од Трст, националниот Институт за океанографија и експериментална геофизика (ОГС) од Трст, релевантните владини институции, јавни и научни институции, невладини организации, медиуми и претставници на амбасадите во Р. Македонија.