Министерот Изаири Самитот за клима во Париз

12348731_10153849076927783_1227520152_n(07.12.2015) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, денеска и утре, во Париз, во рамките на Самитот за клима, учествува во министерскиот дел на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP 21). Со своето присуство Министерот ја реафирмира политичката подготвеност на Република Македонија за учество во глобалните напори за намалување на климатските промени.

Во рамките на овој сегмент од светскиот Самит се очекува дефинирање на финална верзија на документот со кој би се определиле обврските на државите после 2020 година во однос на намалувањето на емисиите на CO2.

Република Македонија го има изработено и поднесено до Конвенцијата документот ,,Национални придонеси кон климатските промени“ како 23 држава во светот. Ставот на Министерството во улога на национален координатор за климатски промени, како и на Владата на Република Македонија е од преговарачкиот процес во Париз да произлезе глобален договор на Конференцијата на Страните, според кој сите Страни ќе дадат свој придонес, поставен на фер и рамноправни основи согласно можностите и спецификите на секоја земја.

Нашиот национален придонес предвидува да се намалат емисиите на јаглероден диоксид од согорувањето на фосилни горива за 30%,односно за 36% при повисоко ниво на амбиција, до 2030 година во однос на референтното сценарио. Емисиите на јаглероден диоксид од согорувањето на фосилни горива покриваат речиси 80% од вкупните емисии на стакленички гасови со доминантно учество на секторите снабдување со енергија, згради и транспорт.

Во овој сегмент обраќања ќе имаат министрите од држави чии претседатели или премиери не се обратиле, а учесниците ќе работат по различни поглавја од Договорот, во контакт-групи координирани од другите присутни министри.

Во рамките на учеството на COP 21, министерот Изаири ќе оствари и низа билатерални средби, а ќе посети и дополнителни настани за урбана отпорност.