Министерот Изаири на работен состанок со градоначалниците на Североисточниот плански регион

2(13.07.2015) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири денеска, во Куманово се обрати на почетокот на работниот состанок со градоначалниците на Североисточниот плански регион, организиран со цел да се разјаснат обврските за општините при реализацијата на проектот „Подготовка на техничка и тендерска документација за затворање на несоодветните депонии во Источниот и Североисточниот регион во Република Македонија“, кој е финасиран во рамките на ИПА програмата.

- За да може да се реализираат сите идни активности планирани за финансирање преку ИПА Програмата, потребно е во овој момент градоначалниците на сите општини соодветно да донесат одлуки и да потпишат договори за да можеме постепено да ги затвораме постоечките нелегални депонии и да оставиме само неколку депонии активни се до моментот на изградба на новите регионални центри – истакна по тој повод министерот Изаири.

На настанот беа презенирани моделите на затворање и предложените сценарија. Потоа се разви дискусија по истите и беше добиена начелна согласност од секој од присутните градоначалници дека донесените одлуки ќе бидат разгледани на советите на општините и по нив соодветно ќе се постапи.

Одлуките предвидуваат, затворањето на постоечките ѓубришта и депонии да се изведува во фази и да се изврши идентификација на локациите за новите Регионални депонии, а проектот предвидува да се формираат и регионални претпријатија за управување со отпад.

За практична реализација на овие одлуки неопходно е интензивирање на соработката на општините со надлежните министерства и дефинирање на основните параметри за формирање на буџет и тарифи за управување со отпад.

Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој истовремено претседава и со советот на регионот изјави дека првата фаза од овој проект треба да започне од 2016 година, што подразбира затворање на дивите депонии и ѓубриштата во североисточниот регион. Паралелено ќе се работи и студија која ќе ја  изготви Центарот на регионалната депонија.

Согласно финансиската конструкција, за реализација на проектот предвидени се 7 милиони евра во првата фаза и уште 9 милиони евра за втората фаза која подразбира затворање на дивите депонии и опремување на регионален центар кој ќе управува со депонијата. Се предвидува проектот да заврши до 2020 година и со неговата реализација ќе има една регионална депонија и еден центар и кој ќе управува со регионалниот отпад на североисточниот плански регион.

- Овие одлуки кои денес ги донесовме се од исклучителна важност за понатамошниот тек на проектот но и на следните планирани проекти кои ќе бидат финансирани преку ИПА програмата – заклучи Изаири.