Министерот Изаири во посета на УНИДО во Виена

Izairi(22.06.2015г.) Денеска, министерот за животна средина и просторно планирaње Нурхан Изаири, придружуван од Марин Кочов, раководител на Канцеларијата за POPs и Канцеларијата за заштита на озонската обвивка при Министерството за животна средина и просторно планирање престојуваат во Виена во работна посета на УНИДО (United Nations Industrial Development Organization). При посетата, остварена е работна средба со генералниот директор на УНИДО Ли Јонг, неговиот заменик Таизо Нишикава и со директорот на програмата за технички развој и соработка, Огранок за управување со животна средина, Стефан Сикарс.

На средбата се разговараше за успешната соработка помеѓу Министерството и УНИДО во изминатите 20-тина години, започнувајќи од имплементација на проектите за заштита на озонската обвивка и спроведувањето на обврските кон Монтреалскиот протокол за супстанциите кои ја осиромашуваат озонската обвивка, потоа за имплементацијата на проектите за редукција и елиминација перзистентните органски загадувачи и спроведување на обврските кон Стокхолмската конвенција, но исто така и за идната соработка во спроведување на меѓународните договори кои се занимаваат со управување со хемикалиите.

Посебен акцент беше ставен на разгледување на аспектите на реализација на претстоечкиот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α- HCH, β- HCH и линдан во ОХИС“. Покрај другото во оваа прилика се разгледани и можностите за вклучување и мобилизирање на постоечките капацитети на земјата за успешно спроведување на активностите за деконтаминација и ремедијација на контаминираната локација со α- HCH, β- HCH и линдан во кругот на ОХИС.

УНИДО како имплементациона агенција е одговорно за имплементација на проектот заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Канцеларијата за POPs како координативно тело во текот на имплементацијата.

Остварени се средби и со други високи претставници, меѓу кои и со Fukuya Iino, раководител на проектот, Philippe Sholtes, управувачки директор на Програмата за технички развој и соработка и со Кирил Илиоски, македонски амбасадор на перманентната мисија на Обединетите нации во Виена.