Меѓународно призната работата на Македонскиот информативен центар за животна средина

20160525_120219MEICРепублика Македонија, претставувана од Македонскиот информативен центар за животна средина (МИЦЖС) при Министерството за животна средина и просторно планирање, по втор пат ја добива наградата за најзначаен напредок во Извештајот за инвентар на загадувачки супстанци во воздухот од државите-потписнички на Конвенцијата за прекуграничен пренос на аерозагадувањето.

Наградата беше доделена на EIONET/EMEP/TFEIP меѓународната работилница на техничките работни тела под Конвенцијата, во соработка со Европската агенција за животна средина која се одржа на 17 и 18 мај во Загреб.

Ова признание за перманентниот напредок во мониторирањето и изработката на инвентарот на аерозагадувачки супстанции воедно придонесува и за зголемување на угледот на нашата држава и претставува потврда за достигнат европски квалитет во работата на МИЦЖС.

Извештајот се изработува како обврска за државите-потписнички на Конвенцијата за прекуграничен пренос на аерозагадувањето (CLRTAP) донесена во 1979 година. Конвенцијата стапи во сила во 1983 година и се залага за координација помеѓу земјите за преземање мерки за редукција на емисиите и за почитување на заеднички стандарди за емисии во воздух. Република Македонија ја ратификуваше и потпиша Конвенцијата на 17.11.1991 година.

Со цел имплементација на барањата од конвенцијата, кон неа се донесени осум протоколи кои Република Македонија ги ратификуваше во 2010 година. Едно од основните барања е инвентаризација (пресметка на емисии на загадувачките супстанции во воздухот) на годишно ниво по сектори. Република Македонија ја исполнува оваа обврска на годишно ниво со подготовка на инвентар, а оваа година претставници од МИЦЖС со поддршка од австриски експерти во рамките на теконвиот Твининг проект го изработија и Информативниот извештај за инвентарот за 2014 година.

Пресметката на емисиите ги опфаќа загадувачките супстанци кои се дефинирани во LRTAP и нејзините осум протоколи: Главните супстанции (SO2, NOx, CO, NMVOC, NH3), цврстите честички (TSP, PM10 i PM2,5), тешките метали (Cd, Pb, Hg, As, Cr, Cu, Ni, Se i Zn) и тешките разградливи органски суптсанции. Клучните информации за активностите кои се потребни за пресметки на емисиите на загадувачките супстанции, се националните енергетски биланси, годишните статистички извештаи, публикациите на Државниот завод за статистика по сектори како и извештаите за емисии во воздухот од инсталациите.

Република Македонија прв пат ја освои оваа награда во Берн, Швајцарија во 2012 година.