Макрадули: Планот за чист воздух е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија за заедничка акција и здрава иднина

Pres_MakraduliЗаменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска на прес– конференција ги презентираше планот и програмата за намалување на аерозагадувањето во Република Македонија, чијашто имплементација станува стратешки приоритет на Владата за 2019-та година.

Соодветно на тоа, како што рече заменик – министерот Макрадули, за оваа намена се обезбедени дополнителни 1,5 милиони евра. Планот за чист воздух во Република Македонија, како што посочи тој, покажува неколку важни аспекти, односно јасно изразена политичка волја за намалување на аерозагадувањето, спроведувањето на мерките ќе се одвива преку интегриран и координиран пристап, отвореност на Владата и на државните институции за партнерски однос со граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации. Заменик – министерот за животна средина Јани Макрадули исто така потенцираше дека за прв пат се издвојуваат посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето.

„Оваа програма има план да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50%, додека во другите градови коишто се жртви повеќе од некои други намалувањето е помеѓу 30% и 50%. Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милиони евра и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштита на животната средина во висина од 20 милиони евра“, рече заменик – министерот Макрадули.

Основно начело на планот за чист воздух е справување, односно спречување со изворите на загадување Програмата за намалување на аерозагадувањето ќе се реализира преку неколку приоритетни компоненти:

- Мониторинг – комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето;

- Зачестени инспекциски контроли;

- Јавни кампања;

- Законски измени;

- Справување со изворите на загадување од домашното затоплување: транспорт, индустрија, градежништво, урбано зеленило  и отпад.

„Десет илјади домаќинства ќе бидат приклучени на постојниот топлински оператор, топловодната мрежа ќе биде проширена, а врз основа на анализата која што ја направивме, ДДВ-то на испорачана топлинска енергија ќе го намалиме од 18% на 5%. Понатаму, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20 илјади, а ќе набават инвертер клима уреди за затоплување, а две илјади домаќинства од ранливите категории граѓани субвенционирано ќе го променат начинот на греење. После две години нема да има ниедно домаќинство кое ќе се грее на јаглен, нафта или кокс“, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Дел од останатите мерки кои се предвидуваат во планот за чист воздух се:

- измени на законот за возила (Воведување на еколошки налепници);

- субвенции за набавка на електрични и хибридни возила;

- субвенции за вградување на уреди кои користат нафтен или земен гас;

- воведување посебен зимски режим на сообраќај во деновите кога загадувањето е повисоко;

- воведување пилот училишни автобус;

- измени во законот за индустриски емисии;

- транспарентно објавување на сите компании со валидни А и Б дозволи;

-  итна реализација на планот за зазеленување со средствата од компензацијата за изградбата на гасоводот на Водно;

- редизајнирање на јавни запуштени простори;

- зајакнати контроли на градежните активности;

- инспекциските контроли нема да се делат по надлежност, туку по акција;

- воведување на втора смена на инспекциските служби

- подигнување на јавната свест за штетноста од греење на јаглен.

Дополнителен бенефит од исполнувањето на овие мерки и активности во борбата за намалување на аерозагадувањето, како што посочи заменик – министерот Макрадули, ќе биде исполнувањето на целите од Парискиот договор, односно намалување на стакленичките гасови, зголемување на процентот на објекти од енергетска ефикасност и зголемено користење на обновливи извори на енергија.

„Апелирам за заедничка акција и за заедничка иднина. Верувам дека сеуште не е доцна да се делува и никој ќе нема право да каже после 2-3 години да каже дека не знаел колку е штетно загадувањето. Длабоко сум убеден дека ова не е невозможна мисија, бидејќи имаме јасен план што треба да се направи“, рече Макрадули

На прес – конференцијата заменик  министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, најави дека уште следниот месец ќе започнат преговорите за заокружување на оперативниот план за активностите за добивање на А интегрирана дозвола во иднина за најголемиот комбинат РЕК Битола. Тој истакна исто така дека со поставување на мрежи ќе се собере пластиката од реката Вардар, како и дека ќе продолжи активноста „едно капаче една надеж“. Дел од активностите, како што рече Макрадули ќе бидат финансирани и од меѓународни институции, а кон крајот на годината за прибирање на дополнителни средства ќе биде организирана и донаторска конференција.

На новинарско прашање во однос на изворите на загадување, заменик – министерот Макрадули посочи дека број еден загадувач е загревањето на домаќинствата, потоа следат сообраќајот и индустријата.

Исто така, Макрадули посочи дека разликата помеѓу овој План за чист воздух и сите претходни, е што сега станува збор за владина програма со конкретни мерки и бројки, на чијашто реализација ќе работат сите засегнати државни институции, надлежни министерства, единици на локалната самоуправа, како и граѓанските организации. И затоа Макрадули изрази уверување дека планот за чист воздух ќе ги даде очекуваните резултати, а се со крајна цел намалување на аерозагадување и заштита на здравјето на граѓаните.