Макрадули: Владата е подготвена да се фати во костец со загадувањето на воздухот

1Јавната дебата на тема којасите нѐ засега – загадување на воздухот, насловена „Не оставај на друг, дојди за чист воздух“ која денеска се одржа во Скопје ги заокружи активностите за одбележување на Светската недела на вселената.

Дебатата имаше за цел уште еднаш да иницира поголема соработка помеѓу државните институции, невладините организации и бизнис секторот за креирање на долгорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот, но од аспект на искористување на отворените податоци и транспарентноста, креирањето на иновативните проекти од заеднички приватен и јавен карактер и од аспект на прибирање на креативни идеи од граѓаните, невладините организации и бизнис секторот, како и нивно активно вклучување.

- Борбата со загадувањето е борба која треба да ја водиме сите. Не може да ја реши само Владата или бизнис заедницата. Ни треба интегрирана акција во која ќе ги вклучиме здруженијата на граѓани, компаниите, институциите и да иницираме секој поединец да даде придонес во борбата со загадувањето.

Ова денеска го изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули кој беше еден од панелистите на јавната дебата.

– Спремни сме како Влада да се фатиме во костец со овој сериозен проблем. Знаеме дека тоа не се решава преку ноќ, но ќе ги поставиме сите оние мерки кои треба да се постават, пред се среднорочни и долгорочни за да можеме по некоја година да зборуваме за почиста животна средина, нагласи Макрадули.

Како панелисти на дебата говореа и Ели Пешева, член на О2 коалицијата за чист воздух, Хајан Селмани, основач на македонската ИТ компанија ХАСЕЛТ, Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој и Јасмина Белчовска Тасевска претставник на УНДП.

Активната дискусија на панелистите и присутните претставници на различните општествени групи отвори многу прашања, нови идеи, сугестии, примери и можности за соработка кои како краен резултат треба да овозможат побрзо постигнување на заедничката цел- почист воздух и подобра животна средина во целост.

Светската недела на вселената се одбележува од 4 до 10 октомври и се организира воповеќе од 86 држави во светот, а е поддржана од програмата „NASA Datanauts“ во рамки на Open.NASA.