Интензивирање на соработка со САД во заштитата на животната средина

Sredba_Nuredini_Ambasador_na_USAMинистерот Нуредини и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на денешната средба разговараа за областите и конкретните начини за продлабочување на соработката и поддршката што нашата држава ја добива од САД.

Министерот Нуредини ги презентираше тековните предлог-законски измени со кои се хармонизира и подобрува националното законодавство во животната средина. Беше спомената добрата соработка што во изминативе години ја имавме со Американската агенција за животна средина (ЕПА) и американските експерти кои ја споделија својата експертиза во делот на квалитетот на воздухот и инспекторирањето. При тоа, американската амбасадорка Брнз понуди продолжување на соработка со американските експерти, овој пат во делот на нелегалната сеча на шуми и во делот на инспекцијата за животна средина започната минатата година.

Посебен акцент се стави на обезбедување на поголема поддршка на САД во процесот на транзиција кон почисти извори на енергија и исполнување на целите од Стратегијата за енергетика за декарбонизација на енергетските процеси со што ќе се влијае на подобрување на квалитетот на воздухот и врз намалување на климатските промени.

Отворено е прашањето и за продолжување на соработката во делот на еколошкото образование. При тоа договорено е во најкус можен рок, во соработка со Министерството за образование да се реобнови Глоуб Програмата која во основните и средните училишта во Република Северна Македонија, со прекини, се спроведуваше во рамки на изборни проектни активности од 1998 година.

Министерството за животна средина и просторно планирање од своја страна го поддржува тековниот Виртуелен Глобален ЗООхакатон 2020, за кој во моментот е отворен повикот за учество и претставува глобален хакатон за изнаоѓање на дигитални решенија во борбата против илегалната трговија со дивите видови и илегалната сеча на шумите. (https://www.itfortheplanet.org/register/)