Инвестициски форум за енергетска ефикасност: потребно е инвестирање во штедливи домови

(25.03.2015г) Денес, во организација на Хабитат Македонија, а со поддршка на УСАИД се одржа инвестициски форум за енергетска ефикасност во секторот домување „Локален потенцијал за инвестирање во колективни станбени згради“.

zamenik1Отварањето на форумот, со свои обраќања, го одбележаа Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија, Џејмс Стајн, директор на мисија на УСАИД Македонија, Стево Темелковски, заменик министер за животна средина и просторно планирање, Љупчо Пренџов, заменик министер за локална самоуправа и Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.

На форумот претставници на ЕБРД, АТЦ Консалтинг, УНДП, претставник на општина Карпош, како и други видни гости, покрај другото зборуваа за можностите за финансирање на енергетска ефикасност во секторот домување и искуства од регионот, за мотивациите за заштеда на енергија во домаќинствата, потоа за партнерства за енергетска ефикасност на локално ниво, но и за инвестирање, потенцијали и предизвици за енергетска ефикасност во овој сектор.

Енергетски ефикасните домови се потреба на модерното време, не само затоа што го чуваат семејниот буџет, туку и поради тоа што ја штедат енергијата и не влијаат врз животната средина, порачаа учесниците на Инвестицискиот форум. Квалитетно живеалиште, направено според стандардите за енергетска ефикасност, штеди до 40 проценти енергија, во споредба со стар објект со иста големина.

„Само 4 % од 450.000 домаќинства во нашата земја се енергетски ефикасни објекти. Над 40 % од светската енергија се користи за загревање и ладење на станбени објекти. За жал, и на глобално ниво, најголемиот дел од енергијата се добива од фосилни горива, кои вршат најголем притисок врз животната средина. Потребно е итно намалување на нивната употреба и замена со обновливи извори, а истовремено и инвестиции во објекти кои ќе трошат помалку енергија“, нагласи заменик-министерот за животна средина Стево Темелковски.

Понатаму, Темелковски укажа дека според Националната стратегија за енергетска ефикасност до 2020 година на Р.Македонија, предвидвидени се инвестиции во висина од 520 милиони евра, од кои 257 милиони треба да се инвестираат во приватниот сектор, првенствено преку воведување енергетска ефикасност во домовите. На ова отпаѓаат 95 мил. евра за мерки во енергетска ефикасност на јавните објекти, 257 мил. евра во приватните објекти и 120 мил. евра во комерцијалниот и услужниот сектор, што укажува на фактот дека во остварувањето на оваа Стратегија е потребно вклучување не само на централната и локалната власт, туку и на други донатори и меѓународни финансиски институции.

Предизвикот е огромен, со оглед на тоа што за постигнување на зацртаните цели, треба да се отворат околу 10.000 работни места, пред се’, за квалификувани градежни работници.

Оценувајќо го прашењето на енергетската сигурност и стабилност во 21-от век како круцијално прашање на целиот светски економски, стопански и општествен систем, Темелковски појасни дека енергетската ефикасност е сума на планирани и спроведени мерки во насока на користење на минимално можно количество енергија, такашто нивото на удобноста да остане сочувана, односно ефикасното користење и зачувување на енергијата, за разлика од штедењето, никогаш не ги нарушува условите за работа и условите за живеење.

Инвестирањето во штедливи домови, преку проект на УСАИД, веќе три години се реализира во Македонија. Првенствено е наменет за унапредување на животните услови во станбените згради во кои живеат семејства со ниски примања.

„Овој проект им помага на семејствата кои живеат во колективни станбени згради да ја намалат потрошувачката на енергија и со тоа да ја намалат висината на сметките. Реновирани се 32 колективни станбени згради во 7 општини, поддржувајќи повеќе од 600 домаќинства“, изјави Зоран Костов, извршен директор на „Хабитат Македонија“.