Изаири: Секој од нас треба одговорно да се однесува со животната околина и со отпадот што самиот го произведува

DSC_0023(03.10.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на о. Гостивар, Невзат Бејта, денеска, се приклучија во активностите во рамки на акцијата „Македонија без отпад 2015“, кои беа спроведени во о. Гостивар, на локација „Стари касарни“ на патот кон с. Русино.

Порачувајќи дека за трајно расчистување на дивите депонии не се доволни само активностите на централната и на локалната власт туку и високо развиена свест дека секој од нас треба одговорно да се однесува и со животната околина и со отпадот кој што самиот го произведува, министерот Изаири истакна:

- Акцијата има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да развива механизми за подршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со бесправното и неорганизираното фрлање на отпад во нивните заедници.

Министерот Изаири и градоначалникот Бејта ја посетија и депонијата Русино, при што министерот нагласи дека МЖСПП разгледува неколку различни модели за регионално интегрирано управување со отпадот, со кои е пофатен и полошкиот регион и оваа депонија. Еден од разгледуваните модели е искористувањето на средствата од Европските ИПА фондови.

Со оваа кампања, граѓаните на Република Македонија четврта година по ред се вклучуваат во глобалната акција – Let’s do it! World, која е официјално поддржана од Европскиот Парламент и оваа година се одвива во 112 земји од светот.

Дел од кампањата се и локалните самоуправи од целата територија на државата, низа институции, организации, ученици, граѓански здруженија и медиуми, а локациите кои се чистат се мапирани на веб страницата на глобалната акција Let’s do it World clean up!