Изаири и Арифи извршија увид во изградбата на цевководот на Шар Планина

(31.10.2015) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифа избршија увид во завршните работи од цевководот што се гради на Шар Планина за новиот водоснабдителен систем на град Тетово – запад на Студена Река и изворите на Пена.

Министерот Изаири посочи дека од 8,5 километри што според договорот треба да се постави до крајот на годинава, завршени се 8,1 километри, односно остануваат уште околу 400 метри.

- И за овие 400 метри градежните работи за ископ се веќе завршени. Останува да се постават цевките и се надевам дека временските услови ќе овозможат целата работа да заврши и пред планираниот рок во средината на декември. Со ова ќе биде завршен новиот цевковод. Последната фаза кога ќе профункционира целиот систем е изградбата на филтер станицата за која тендерската постапка е во тек и очекувам дека следната година со нејзината изградба целиот систем ќе се приклучи кон постојниот водовод како целина со што Тетово ќе добие дополнителни 200 литри во секунда, рече Изаири.

Градоначалничката Арифи рече дека е задоволна од динамиката за исведување на работите на терен и дека очекува со завршување на овој систем повеќедеценискиот проблем со вода за пиење на Тетово да биде ставен ад акта. Во однос на филтер станицата, таа посочи дека тендерската постапка треба да почне во текот на следната недела.

Филтер станицата чина 2 милиони евра, од кои 1 милион и 100 илјади евра е кредит од Европската банка за обнова и развој, а останатите ги обезбедува општина Тетово, додека цевководот што беше во надлежност на МЖСПП е во вредност од 2 милиони евра односно целиот проект – зафат Студена Река и река Пена заедно со филтер станицата и цевководот чини 4 милиони евра.