Започнува изградбата на фекалната канализација во гостиварското село Дебреше

8(10.06.2015г.) Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, заедно со министерот за правда Аднан Јашари и градоначалникот на о. Гостивар Невзат Бејта присуствува на свеченото отпочнување на проектот за изградба на фекална канализација во село Дебреше – општина Гостивар.

Проектот е финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку инвестиционата програма за 2015 г. Вкупната вредност на проектот е нешто повеќе од 10 милиони денари, од кои Министерството доделува 5 милиони, што претставува 48% од вкупно потребните средства.

Според зборовите на министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, проектите за заштита и управување со  водите се посебен приоритет во агендата на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во моментот отпадните води од ова населено место се испуштаат во р. Дебрешка со што директно се загадуваат нејзините води, а со користење на речните води за наводнување се загадуваат и земјоделските површини. Со изградбата на оваа фекална канализација во должина од 1500м трајно ќе се  заштити јавното здравје на населението што живее во с. Дебреше, ќе се обезбеди заштита на животната средина, а ќе се попречат и појавувањата на заразни болести кои се шират како последица на непостоење на истата. Во исто време ќе се отстрани лошата миризба која се шири од отпадните води, ќе се спречат несреќи кои можат да им се случат на граѓаните, особено на децата и ќе се оневозможи несовесното одлагање на отпадоци со што се создаваат исто толку опасни диви депонии.