Во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот плански регион ќе се воспоставува интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад

1_1(29.03.2016г) Денеска, во присуство на министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири и раководителот на Одделот за оперативни работи во ЕУ Делегацијата, Мартин Клауке, беше презентиран проектот „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион“. Овој проект на Министерството за животна средина се спроведува во рамките на Оперативната програма за регионален развој 2007-2013, Приоритетна оска 3: подобрување на инфраструктурата во животната средина и Мерка 3.2 – Воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад.

Во воведното излагање, министерот Изаири истакна дека презентацијата има за цел да информира за текот на проектните активности, како и за обврските кои ќе произлезат од проектот за општините, додавајќи дека подготовката на документација за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во наведените региони ќе го отвори патот за планирање на инфраструктурни проекти за управување со отпадот.

Вкупната вредност на проектот изнесува 3.580.000 евра и ќе резултира со:

  • Изработка на Регионални планови за управување со отпад во Скопскиот, Југозападниот, Вардарскиот и Пелагонискиот Регион;
  • Изработка на Стратешки оценки за животната средина за Регионални планови за управување со отпад во Скопскиот, Југозападниот, Вардарскиот и Пелагонискиот Регион;
  • Изработка на студии (Физибилити студија, Студија за влијаниата врз животната средина, Анализа на придобивките и трошоците) за инвестициски проекти за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпад во Скопскиот, Југозападниот, Вардарскиот и Пелагонискиот Регион;
  • Подготовка на проектна документација и тендерска документација за инвестициски проекти за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадот во Скопскиот, Југозападниот, Вардарскиот и Пелагонискиот Регион, како и вршење на Процена на трошоците за затворање, рехабилитација и понатамошна грижа за нестандардните општински депонии и дивите депонии и за изградба на избрани инсталации за третман и конечно отстранување на отпадот;
  • Подготовка на техничка спецификација за набавка на опрема за регионалниот систем за собирање и третман на отпадот во Скопскиот, Југозападниот, Вардарскиот и Пелагонискиот Регион, како и Оцена на потребите, анализа на пазарот со процени на трошоците и подготовка на план за вклучување на чинителите.

Проектот започна во декември 2015 година и ќе се спроведува во времетраење од 24 месеци. Истиот, ќе се имплементира од страна на конзорциумот ENVIROPLAN.