Воспоставувањето механизам за плаќање екосистемски услуги – приоритет во Националната стратегија за заштита на природата

1Директорот на Управата за животна средина Билјана Зефиќ присуствуваше на настанот за екосистемски услуги што вчера зе одржа во рамките на компонентата „Подготовка и тестирање на механизам за плаќање екосистемски услуги (ПЕУ). Оваа компонента е дел од втората фаза на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Настанот имаше за цел, различните чинители во Република Македонија да се запознаат со искуствата на државите во регионот во спроведувањето на наплатата на екосистемските услуги. Воспоставувањето механизам за плаќање екосистемски услуги (ПЕУ) е утврдено како еден од приоритетите во Националната стратегија за заштита на природата, изработена во првата фаза од Програмата, но исто така се споменува и во ревидираната Национална стратегија за биолошка разновидност и придружниот Акциски план, подготвени со поддршка од УНЕП.

Оваа тема не им е целосно непозната на некои од чинителите со оглед на тоа што некои почетни активности се спроведени во неколку заштитени подрачја во државата, но тоа е направено со примена на различни методологии и приоди. За жал, во пракса механизмот не е во функција. Од друга страна, услугата е доста значајна за економската валоризација на природните реткости, а оттука и за функционирањето на заштитените подрачја. Затоа, Програмата за зачувување на природата во Македонија најпрво ќе го поддржи Министерството во изработка на механизам за плаќање екосистемски услуги вклучувајќи и методологија и упатства за примена на механизмот за ПЕУ. Паралелно со изработката на упатствата, Програмата ќе даде поддршка за јакнење на капацитетите за екосистемски услуги за клучните чинители, преку организирање на информативни настани, обуки и сл. Покрај тоа, механизмот за ПЕУ, во рамките на Програмата ќе се тестира барем во едно пилот-подрачје во Источниот плански регион, кој е таргет регион на оваа Програма. Се очекува резултатите од тестирањето да помогнат при идна изработка на правилник за ПЕУ од страна на МЖСПП, врз основа на упатството. Со овие активности дополнително ќе ѝ се помогне на земјата да ги исполни обврските на полето на зачувување на природата што произлегуваат од различните меѓународни документи (конвенции, директиви итн.) потпишани и ратификувани од нашата држава.

На отварањето поздравно обраќање имаше Билјана Зефиќ, директор на Управата за животна средина.