Ќе се подобрува управување со осум големи заштитени подрачја во Македонија

1Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки заедно со амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон беа во работна посета на Националниот парк Пелистер. Во рамки на посетата на најстариот национален парк во Македонија беа промовирани институциите кои добија грантови од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ меѓу кои е и НП Пелистер.

- НП Пелистер е еден од осумте проекти за големи заштитени подрачја. Од овој проект очекуваме да помогне во препознавање на социјалните и економските придобивки што произлегуваат од заштитата и поодржливото управување со природните ресурси во заштитените подрачја, а истовремено да ги зголеми капацитетите на локалните самоуправи и граѓански организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин – истакна министерот Дураки во изјавата за медиуми.

2Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА II – Секторска оперативна програма за еколошка и климатска акција 2014-2020 а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Покрај проектот за Пелистер развиени се уште 7 апликации за големи заштитени подрачја и тоа за Галичица, Маврово, Дојранско Езеро, НП Преспанско Езеро и НП Езерани, исто како и за подрачјето Матка – Водно – Сарај, за заштитеното подрачје Јасен и за Охридско Езеро – Сатеска Река со предвидени износи од 200.000 до 400.000 евра.

Проектот за НП Пелистер е со буџет приближно 300.000 американски долари.