Студентите од МИТ се запознаа со активностите на МЖСПП од областа управување со отпад

Денеска, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, се одржа работилница за Управување со отпадот во Република Македонија, на која пред студенти и предавачи од Факултетот за менаџмент на еколошки ресурси при МИТ Универзитетот, беа презентирани надлежностите и активностите на МЖСПП од таа област, со осврт на меѓународната соработка, усогласување на стандардите и технологијата со ЕУ, како и начинот на креирање политики од областа управување со отпадот.

Во својата презентација, раководителот на Секторот за отпад, при Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Мазневска Каранфилова, истакна дека со надградба на начините за управување со отпадот и имплементирање на нови технологии, иновации и трендови при рециклирањето на отпадните материјали, би се реализирала целта за премин кон зелена циркуларна економија и заштита и унапредување на животната средина и природата.

Притоа, се разви дискусија на која присутните споделија искуства, ставови, мислења и визии за влијанието на отпадот врз животната средина и здравјето на луѓето, како и за можностите за добивање на на нови суровини од отпадот.