Се одржа иницијалниот состанок за изработка на План за управување на сливот на Охридското Езеро

zamenik_1Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, во Охрид, го отвори иницијалниот состанок за изработка на План за управување на сливот на Охридското Езеро, документ важен за иднината на заштитата и управувањето со сливот на Охридското Езеро.

- Натамошните процеси на донесување на политичките одлуки во регионот ќе треба да се базираат на овој документ – истакна заменик министерот Макрадули во своето воведно обраќање.

Тој нагласи дека притисокот на човечките активности веќе е многу забележителен и гозасега целокупниот жив и ендемичен свет во сливот.

- Заради тоа, потребата од План за управување е неопходна и неговата изработка се случува во еден критичен период за идниот развој на овој регион. Особено е значајно што овој План ќе биде заеднички, билатерален, интегрален и што ќе се базира на Европската рамковна директива за води и на националните законодавства, при што изработката на овој план ќе претставува основа за плановите и на другите под-сливови како и за изработка на Планот за управување со целокупниот Дримски Басен – додаде Макрадули.

Предвидено е изработката на Планот да трае 18 месеци и да резултира со финален и усвоен План за управување со сливот на Охридското Езеро во согласност со Европската рамковна директива за води.

Воедно, најавено е дека, со цел поддршка и следење на процесот на изготвување на Планот, Владата на Р. Македонија во соработка со Владата на Р. Албанија ќе го реактивираат Билатералнииот Комитет согласно Билатералниот Договор, кој би ја имал улогата на Надзорен Комитет во процесот на изготвување.

Изработката на планот за управување со сливот на Охридското Езеро е финансирана во рамите на ГЕФ проект за Дримскиот басен и е една од клучните активности во програмата за мерки за заштита и управување во басенот.