Презентиран извештајот за иницијална оцена на состојбата со жива во Република Македонија

pops1(04.05.2018) Денес,во Скопје, во организација на Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) при Министерството за животна средина и просторно планирање, се одржа завршната работилница на проектот „Иницијална оцена на состојбата со жива во Република Македонија“. Во рамки на настанот беа презентирани активностите за изработка на извештајот.

На настанот беше потенцирано дека Република Македонија активно работи на спроведување на глобалните договори и иницијативи поврзани со управувањето со хемикалии и отпад како што се Стокхолмската конвенција за POPs; Ротердамската конвенција (PIC постапка за претходно издадена согласност), Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасниот отпад и негово складирање и SAICM Иницијативата.

Во текот на 2013 година, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Регионалниот центар на Базелска конвенција од Братислава направи напори да се обезбедат услови за синергистичко спроведување на сите овие конвенции. Беше изработен план за синергија на трите конвенции, Базелска, Ротердамска и Стокхолмска Конвенција.

Во Јули 2014 година Република Македонија ја потпиша Минамата конвенцијата за жива, истовремено искажувајќи подготвеност да се обезбедат услови за нејзина ратификација.

Со потпишувањето на Минамата Конвенцијата за жива, Македонија се обврза да изработи иницијална оцена на состојбата со жива во земјата, после која се очекува државата да биде подготвена за процесот на ратификација на Минамата конвенцијата.

На оваа завршна работилница беа презентирани резултатите од оцената за состојбата со жива во Република Македонија која со следењето на обврските кон Минамата конвенцијата ја искажува својата цврста намера за реализација на заложбата за безбедно управување со хемикалиите, со посебен акцент на оние хемикалии кои претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето, и животната средина.

На настанот присуствуваа и претставници од програмата за животна средина на Обединетите Нации и на Регионалниот центар за базелска Конвенција од Братислава .