Презентирани резултати од твининг проектот за квалитет на воздухот

tvining_final_4(26.01.2017г ) Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети се обрати на завршниот настан на Твининг проектот “Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на квалитетот на воздухот”, на кој домашни и експерти од Финска и Австрија ги презентираа резулатите постигнати со неговото спроведување.

- Во рамките на проектот беа зајакнати административните капацитети за спроведување на мониторингот на квалитет на воздух, се изготви инвентарот на емисии на загадувачките супстанци на национално ниво, се подобри дисперзионото моделирање за оценка на квалитетот на амбиентниот воздух и се спроведе кампања за дополнителни мерења на составот на PM10 честичките со цел утврдување на уделите на изворите на емисии. Исто така, се изготви извештај за состојбата со квалитетот на воздухот во изминатата декада, се подобрија функционалностите на порталот за квалитет на воздух, се изготвија плански документи за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово, а за прв пат беа опфатени и активности поврзани со здравствениот аспект и влијанието на квалитетот на воздухот врз здравјето на луѓето – истакна министерот Амети.

Твининг проектот се спроведуваше21 месец (мај 2015-јануари 2017год.) и е со буџет од 1,1 милиони евра.

Главната институција – корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање. Институтот за јавно здравје, Град Скопје и други општини исто така беа вклучени во проектните активности. Главни партнери од земјите-членки на ЕУ беа Финскиот метеоролошки институт и Агенцијата за животна средина на Австрија.

Како дел од активностите беа вложени напори и за подобрување на јавната свест за прашањата поврзани со квалитетот на воздухот. За таа цел беше дизајнирана кампања за подигнување на јавната свест и зголемување на придонесот на граѓаните во подобрување на квалитетот на воздухот во секојдневниот живот.

Воведни обраќања на настанот имаа и шефот на делегацијата на ЕУ, H.E. Самуел Жбогар и претставникот од Министерството за надворешни работи на Финска, аташе Анти-Веико Каутонен.