Нов македонски рецепт за ублажување на климатските промени

2Министерството за животна средина и просторно планирање денеска, во просториите на Македонската Академија на науки и уметности (МАНУ), одржа работилница за климатски промени на која беа презентирани резултатите од најновите анализи и препораки поврзани со оваа проблематика во државата.

Анализите се подготвени во рамките на  проектот „Втор двогодишен извештај за климатски промени”, поддржан од УНДП и ГЕФ, а во согласност со законските обврски на државата кон Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) и посочуваат како да се постигне економски напредок и воедно да се намалат емисиите на стакленички гасови. Широк тим на стручни лица анализираше 46 мерки (од секторите енергетика, земјоделство, шумарство и користење на земјиштето и отпад) и изготвија три сценарија со кои може да се постигне намалување на емисиите на стакленички гасови до 37% во 2035 наместо, во споредба со референтното сценарио, истите да се зголемат за 49%.

3Исто така, анализирани се и дополнителните придобивки од мерките/политиките изразени преку потенцијалот за создавање на работни места (т.н. домашни зелени работни места). Се предвидува дека до 2035 година во државата може да отворат повеќе од 6.200 нови зелени работни места како резултат на реализација на мерките за енергетска ефикасност во згради и нискојаглеродно снабдување со енергија (обновливи извори и гас).

Во пресрет на сегашните и скорешните обврски кои државата ги има кон UNFCCC и кон Европската Унија, потребно е државата да ги засили своите напори кон воспоставување на соодветен систем за следење, известување и верификација (МРВ) на активностите за ублажување во државата. Воедно, со подобрување на ограничувањата и недостатоците во однос на имплементација на националните политики поврзани со климатски промени, како и релевенатните финансиски и технички потреби и потреби во однос на капацитетите, значително ќе се олесни имплементацијата на предвидените активности.

1Со ваквиот пристап Р. Македонија е подготвена да се справи со предизвиците кои ги носат климатските промени. Министерството за животна средина дополнително ќе вложи напори на иновативен начин и преку разни информативни алатки да ги доближи анализите, резултатите и препораките и до носителите на одлуки но и до граѓаните.