Зајакнување на соработката меѓу локалната и централната власт во справувањето со загадувањето на воздухот

11Денеска во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање се одржа состанок на министерот Нурхан Изаири со градоначалниците на Град Скопје, Коце Трајановски и на Битола, Владимир Талевски, како и со претставниците на општините Тетово, Кавадарци и Кичево.

Имајќи ја предвид комплексноста на проблемот со појавата на високи концентарции на PM10 честичките особено во зимскиот период, што е загрижувачки во однос на здравјето на луѓето и за чие решавање е потребен интерсекторски пристап и силна соработка помеѓу централната и локалната власт, состанокот беше повикан со цел да се споделат размислувања во врска со надминување на проблемот, како и да се презентираат придобивките од тековниот Твининг проект “Понатамошно зајакнување на капацитетите за усогласување на регулативата за воздух”.

Во рамките на овој проект се изработува Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово и краткорочните акциони планови во случаи концентрациите на измерените загадувачки супстанции да ги надминуваат праговите на алармирање. Најголемата придобивки на овие планови е што со нив, преку хемиски анализи ќе бидат точно дефинирани изворите на загадување од што ќе произлезат и потребните долгорочни мерки за подобрување и заштита на квалитетот на воздухот. Од друга страна, во краткорочните акциони планови, ќе се воспостави начинот на комуникација помеѓу релевантните институции и јавноста, и во дијалог со ЕЛС ќе се прецизираат краткорочните мерки кои се реално спроведливи во соодветните општини.

Се очекува анализите да бидат завршени до април, а комплетните планови до септември 2016 година.

Според зборовите на министерот Изаири, овие плански документи ќе бидат добар пример не само за општините Кавадарци и Кичево кои се провикани како општини со поголемо загадување на воздухот во зимскиот период, туку и за сите останати единици на локална самоуправа во кои нема мониторирање на параметрите за квалитет на амбиенталниот воздух.

Од страна на градоначалниците и на претставниците на општините беа елаборирани преземените мерки, како и проблемите со кои се соочуваат при нивното реализирање.