Завршен Твининг проектот за транспонирање и имплементација на новата Директива за индустриски емисии

Zavrsen twining_2(27.04.2017г.) Денеска, со свечана церемонија се затвори Твининг проектот финансиран од ЕУ: “Зајакнувње на административниот капацитет на централно и локално ниво за транспонирање и имплементација на новата Директива за индустриски емисии 2010/75/ЕУ”.

Оваа Директива за интегрирано спречување и контрола на загадувањето пропишува правила за спречување или, во најмала рака, намалување на емисиите во воздухот, водата и почвата како и спречување на генерирањето на отпад. Целта е да се постигне високо ниво на заштита на животната средина преку ефективна постапка на издавање на индустриски дозволи која ќе се проледи со систем на мониторинг и инспекција. Исто така, Директивата обезбедува механизми на флексибилност кои во одредени случаи можат да се применат на индустриските инсталации.

Со преку 150 големи индустриски “А-инсталации” и повеќе од 500 помали “Б-инсталации” индустриските активности во земјата претставуваат битен фактор кој влијае врз медиумите на животната средина, како што се воздухот и водата, но и врз човековото здравје. Ефективниот систем на издавање на дозволи може да помогне при контрола на релевантните емисии за да се обезбеди примена на високи стандарди на спречување на загадувањето. За да се обезбеди понатамошно зајакнување на издавањето на дозволи, Европската Унија преку Инструментот за пред-пристапна помош го финансираше овој Твининг проектот кој што траеше 19 месеци (октомври 2015 год.- април 2017 год.) и имаше буџет од 900.000 евра.

Главниот корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање. Во активностите на проектот беа вклучени и ЗЕЛС заедно со неколку општини, Државниот инспекторат за животна средина, како и други институции/министерства, Стопанската комора и претставници од индустријата, НВО, констултантски агенции, итн. Главните партнери од земја членка на ЕУ беа Австриската агенција за животна средина и Галициското регионално министерство за животна средина (Шпанија).

- Во рамките на проектот се изврши проценка на економското влијание врз индустрискиот сектор при спроведувањето на Директивата. Се изготви нов Закон за контрола на индустриски емисии, како и подзаконски акти кои што произлегуваат од него, при што беа одржани низа состаноци со преставници од индустријата, невладините организации и сите други засегнати страни по однос на предложениот нов закон. Понатаму, централната и локалната администрација ги зајакна своите капацитети за правилно спроведување на новите законски одредби преку изработка на прирачници и упатства за практично спроведување на Директивата, преку одржување на обуки, работилници и семинари, како и преку изработка на пилот А и Б Интегрирани еколошки дозволи. Исто така, во рамките на проектот беше подготвен и приоритетен список за администрацијата со опрема потребна за спроведување на новата Директива за индустриски емисии – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети во поздрваното обраќање.

Поздравни обраќања имаа и Арбер Адеми, вицепремиер за европски прашања, Мауро Ди Вероли раководител на Одделот за инфраструктура, земјоделство и социјални политики во Делегацијата на Европска унија, Н.Е. Ренат Коблер, амбасадор на Австрија како и Н.Е. Рамон Абароа Каранза, амбасадор на Шпанија.