ЕБОР Програма за градење на капацитетите за биодиверзитет

(01.04.2019) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули одржа состанок со експерти од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во рамки на Програма за градење на капацитетите за биодиверзитет.

На состанокот се дискутираше за приоритетите, тековните знаења, капацитетите и потребите за градење капацитети и други технички недостатоци кои би можеле да влијаат врз интеграцијата на биолошката разновидност во планирањето на проекти и политики.

Експертите ќе одржат серија состаноци со засегнатите страни, како дел од потребите за градење на капацитетите за биолошка разновидност.  

ЕБОР отпочна да реализира Програма за градење на капацитети за биодиверзитет, насочена кон промовирање на добри меѓународни практики во нашата држава, како и поддршка за повеќе чинители од сите сектори во општеството. Со Програмата се опфатени и консултантите за биолошка разновидност и академските институции, со цел да ги надградат своите капацитети за проценка и влијание од инфраструктурни проекти, а во согласност со добри меѓународни практики и обврските на Република Северна Македонија кон меѓународните конвенции и процесот на пристапување во ЕУ.