Работните групи за животна средина и биодиверзитет се среќаваат во Скопје

8Зачувувањето на биолошката разновидност е специфичен, но сепак клучен дел од поширокиот сеопфатен план за заштита на животната средина. Со цел зајакнување на соработката и здружување на напорите, членовите на Работната група за биолошка разновидност од шесте економии од Југоисточна Европа (Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово* и Србија) се состанаа на 29 мај за да го потврдат заедничкиот план за работа и да се договорат за идна соработка.

Работната група за биодиверзитет се состанува двапати годишно, а следниот состанок треба да се одржи во есен 2018 година, под раководство на претставниците на Црна Гора. Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN ECARO) дејствува како Секретаријат на Работната група за биодиверзитет и обезбедува административна поддршка, истовремено придонесувајќи за подобро поврзување и побрзо спроведување на мерките поврзани со зачувување на биодиверзитетот и здравите екосистеми предвидени во Стратегијата ЈИЕ 2020.

Искажувајќи ја својата убеденост дека заштитата на животната средина има предиспозиции да биде столб во секој процес на регионална соработка и еден од најважните столбови за одржлив развој на регионот на Југоисточна Европа, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули во поздравното обраќање рече:

- Горди сме што сме дел од овој процес. Официјалите претставници на министерствата од Југоисточна Европа веќе почнаа да соработуваат и да дискутираат за соработка и регионалните проекти во кои  што најголема придобивка ќе биде заштитата на природата.

За време на состанокот, членовите на Работната група за биодиверзитет  ги развија активностите за имплементација согласно усвоениот работен план и дискутираа и ги одобрија регионалните извештаи и препораки. Исто така зборуваа и за начините на доближување и презентирање на Работната група за биодиверзитет на регионалните и глобалните форуми, особено во поглед на претстоечката 14-та Конференција на Страните кон Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD CoP 14) која треба да се одржи во ноември 2018 година.

Поддршка за основање на Работната група за биодиверзитет  е обезбедена од германската организација за меѓународна соработка – Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Биодиверзитет (GIZ/ORF BD), финансиран од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ).

Поздравни обраќања имаа и Радован Никчевиќ од Советот за регионална соработка, Борис Ерг од Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија на Меѓународната унија за заштита на природата и Кристина Кујунџиќ од Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Биодиверзитет.

Во рамки на средбата, утре на 30 мај, ќе се одржи состанок на пошироката Регионалната работна група за животна средина  пред која ќе бидат презентирани Работниот план и идни заеднички активности дефинирани на денешата средба.