Работен состанок со градоначалниците од Р.Македонија на тема: ,,Воспоставување на интегрирано регионално Управување со отпад во Република Македонија”

Gradonacalnici1(02.03.2018) Во просториите на “Клубот на пратеници”министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и премиерот на Република Македонија Зоран Заев, одржаа работен состанок со сите градоначалници во Р. Македонија на тема: ,,Воспоставување на интегрирано регионално Управување со отпад во Република Македонија”.

Во изминатот период Министерството за животна средина и просторно планирање најголем акцент посвети на воспоставувањето на интегриран самоодржлив регионален систем за управување со отпад за секој од планските региони во Република Македонија. Но, во изминатите години општините во сите региони на Република Македонија покажаа многу ниски капацитети (и технички и финансиски) за да можат самостојно да го воспостават овој систем.

Целта на денешната работна средба е со здружени напори уште еднаш да се направи пресек на состојбите и капацитетите на општините во 8-те плански региони и да се дефинираат следните чекори во воспоставување на интегриран самоодржлив регионален систем за управување со отпад и тоа како приоритет на Владата на Република. Македонија, на Министерството за животна средина и просторно планирање, но и на локалната самоуправа.

На средбата, од страна на МЖСПП беше презентиран моменталниот пресек на состојбите со Воспоставување на интегрирано регионално Управување со отпад во РМ при што евидентно беше незадоволителното ниво на имплементација , на интегрираното регионално Управување со отпад.

Имајќи ја во предвид целокупната состојба со управувањето со отпадот и неопходноста од воспоставување на овој регионален систем во сите плански региони во државата, а за да се деблокира процесот, Министерството за животна средина и просторно планирање, на средбата предложи општините првично:

- Да донесат одлука за делегирање на правото за спроведување и реализирање на регионалните депонии на централната власт, и

- Локациите каде што ќе бидат изградени овие депонии, кои се утврдени со физибилити студии да се прифатат од страна на општините како што се утврдени.

Одлуката треба да се донесе од страна на советите на општините, и веднаш може да се започне со имплементација на истата.

 

Притоа во својот говор, министерот Дураки појасни дека – Во ниеден момент не станува збор за преземање на надлежностите и овластувањата на општините, туку едноставно за приклучување на централната власт да заедно со локалната власт го реши овој долгогодишен проблем во Р.М.

Воедно, министерот Дураки изрази надеж дека денешната средба ќе придонесе кон воспоставување на солиден дијалог помеѓу градоначалниците, како претставници на локалната власт, и централната власт, со цел заеднички да придонесеме за решавање на овој, како и многу други проблеми со кои се соочуваат нашите општини.