Пуштена во употреба пречистителна станица за отпадни води во Прилеп

prilep_precistitelna1(03.07.2018) Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули присуствуваше и говораше на настанот по повод официјалното пуштење во употреба на пречистелната станица за третман на урбани отпадни води за Прилеп, која е најголемата пречистителна станица финансирана преку ИПА и една од најголемите во државата. Пречистителната станица е изградена на површина од 7 хектари, а е со капацитет од 95 000 еквивалент жители.

Покрај изградабата на пречистителната станица проектот опфаќа и изградба на пристапен пат во должина од 1.8 км, изградба на пристапен мост до Пречистителната станица, поврзување на пречистителната станица со канализационата мрежа на Прилеп, регулација на речното корито за заштита од поплави, изградба на ограда околу пречистителната станица, хортикултурно уредување на просторот, тестирање на работата на станицата и обука на вработените од ЈКП „ Водовод“ Прилеп за управување со пречистителната станица.

Вкупна инвестиција изнесува 9 667 774 евра од кои 85 % се обезбедени од ЕУ и 15 % е домашна контрибуција.

Во поздравното обраќање, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули истакна дека со изградба на пречистителните станици за третман на отпадни води, од кои оваа во Прилеп е досега најголема финансирана во рамките на ИПА, не само што ги исполнуваме законските обврски поврзани со третманот на урбаните отпадни води туку демонстрираме и цврста решеност за инвестиции во заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Оценувајќи ја заштитата на животната средина како вистински предизвик на веќе трасираниот пат кон ЕУ кој се уште се бори за место во пиедесталот наречен реформи, Макрадали најави:

- Оваа година очекуваме со ваков обем на инвестиција во рамки на ИПА 2 да започне реализирање на пречистителните станици во о. Тетово, Битола и Штип, кои ќе се придружат на активностите за пречистителни станици и третман на отпадни води во Кочани, Делчево, Скопје, Кичево, Радовиш, Струмица и Вевчани.

Проектот е реализиран како резултат на активностите за обезбедување на усогласеност со ЕУ Директивата за третман на урбани отпадни води (91/271 ЕЕС).

На настанот се обратија и претседателот на Владата Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар,министерот за финансии Драган Тевдовски и градоначалниот на Прилеп Илија Јовановски.