Пуштена во употреба новата мобилна мерна станица за квалитет на воздухот во општина Бутел

monitoringstanicabutel1(13.03.2018) Денес во општина Бутел,министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки,амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, ја пуштија во употреба новата мобилна мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот на територијата на општина Бутел, која е дел од националната мрежа за автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот во РМ.

Општина Бутел е првата општина што ќе ја користи мобилната мерна станица за следење на квалитетот на воздухот, која секоја година ќе биде прелоцирана во различна општина. За наредната говина а предвидено станицата да биде инсталирана во општина Ѓорче Петров.

Во оваа прилика министерот Дураки изјави:

“ Автоматскиот мониторинг на квалитетот на воздухот ќе ни помогне да оформиме база на историски податоци, преку кои што ќе можеме да вршиме анализи и да ги предвидуваме трендовите, а се во функција на здравјето и добросостојбата на нашите граѓани. Затоа, со комплетирањето на мрежата за мониторинг на квалитетот на воздухот ние добиваме непроценлива алатка што ќе ни служи во планирањето на целокупниот развој на државатапоради што сметаме дека таа е огромна придобивка за сите граѓани и за нашето општество во целост.”

Оваа мобилна мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот која за почеток е поставена во општина Бутел, во дворот на основното училиште Живко Брајковски, е обезбедена со финансиска поддршка од Инструментот за предпристапна помош – ИПА, како дел од помошта во процесот на усогласување на областа на животната средина во РМ, со стандардите на ЕУ. Европската Унија, исто така, обезбеди специјализирано возило за вршење на редовно калибрирање и услуги за одржување, како и одреден број на инструменти за да се подобри следењето на квалитетот на воздухот на територијата на целата држава.

Корисник на овој проект е Министерството за животна средина и просторно планирање, во вкупна вредност од 272,000 евра.