Привршуваат работите на водоснабдителниот систем за Горно Свиларе

Minister_svilare3(07.02.2019г) Денес, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети присуствуваа на промоцијата на проектот „Изградба на локален водоснабдителен систем и дистрибуција на секундарна мрежа во с. Горно Свиларе, општина Сарај“.

Министерството за животна средина и просторно планирање, врз основа на Конкурсот за распределување на средства по Програмата за управување со водите за 2018 година, ја прифати апликацијата на општина Сарај за реализација на овој проект. Од вкупната вредност на проектот која изнесува 28.990.000,00 денари, Министерството за животна средина и просторно планирање на општина Сарај и додели финансиски средства во висина од 15.000.000,00 денари. Делот кој е опфатен во апликацијата доставена до Министерството е целосно реализиран.

Според зборовите на министерот Дураки, проектот е од голема важност и за локалното население и за заштита на животната средина бидејќи ќе овозможи чиста вода за пиење која што е основно човеково право.