Почнува имплементационата фаза на Проектот за прекугранично управување со Дримскиот басен

1(16.12.2015г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, денеска, во Тирана, Албанија се обрати на состанокот со кој започнува имплементационата фаза на ГЕФ проектот: „Овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водените ресурси во поширокиот Дримски Басен“.

- Се надевам дека, за време на имплементацијата на проектот за Дрим, целосно ќе ги исполниме зацртаните цели. Верувам дека ќе успееме да оствариме консензус меѓу засегнатите страни, вклучувајќи ги и актуелните теми како климатските промени и варијабилноста и ќе го трасираме патот за систематска соработка на полето на прекуграничното управување со басенот на реката Дрим. Исто така, се надевам дека различните модели и проекти кои ќе бидат демонстрирани ќе ни овозможат да ги подржиме нашите Национални планови за управување со нивото на речниот басен преку институционално зајакнување на интегрираното управување со речниот басен – изјави заменик министерот Темелковски.

Проектот почнува соимплементација на петте негови компоненти: консолидација на заедничкото знаење во басенот за заедничка анализа и надзор, изградба на основа за заедничко управување и подготвување на Стратешки план за басенот, институционално зајакнување со цел формирање на заедничка Дримска Комисија, демонстрација за технологии и практики преку пилот проекти во басенот, како и инволвирање на јавноста во донесување на одлуките и подигање на јавна свест.

ГЕФ проектот за Дрим доаѓа како логично продолжение на охридската декларација за Дрим, на процесот Дримскиот Дијалог започнат во 2009 година и на потпишаниот Меморандум за Заедничка визија од страна на петте држави потпишан во 2011 г. што претставува рамка на целиот процес. Во ГЕФ проектот за Дримскиот басен ќе учествуваат 5 држави Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово и Грција како партнер. Имплементациона агенција ќе биде УНДП, а носители на активностите се Министерствата надлежни за животна средина од сите инволвирани држави. Предвидено е во активностите на Проектот да учествуваат голем број на надлежни институции, локални самоуправи, невладин сектор и други интересенти од Дримскиот Басен. Проектот е предвидено да трае 4 години и за него ГЕФ одвои вкупни 5,5 милиони долари кои ќе се имплементираат преку надлежните министерства.

На Почетниот состанок во Тирана презентација за Проектот одржа и Дејан Пановски, еден од иницијаторите на Дримскиот процес.