Поставени 17 прочистувачи за воздух во детски градинки во општина Центар

zamenik-o.Centar1(08.02.2019г.) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, ја посетија детската градинка Кочо Рацин, каде се инсталирани 17 висококвалитетни прочистувачи на воздухот. Истите се донација од Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од активностите од Планот за чист воздух на Владата на РМ што се спроведуваат во рамки на борбата против аерозагадувањето во нашата држава.

Потенцирајќи дека денешната посета е дел од активностите за обезбедување на поздрав и поквалитетен престој на најмладите во градинките, заменик министерот Макрадули рече:

- Останува определбата да се справиме со загадувачите и во таа долготрајна борба не смееме да ги запоставиме позитивните ефектите и решенијата што ги нудат прочистувачите на воздухот. Затоа, за нас приоритет се градинките и училиштата, со цел, најмладите, во просторот каде што го поминуваат најголемиот дел од денот, да имаат поквалитетен воздух и слободно да ги извршуваат сите активности.

Тој додаде и дека интензивно се работи на остварување на зацртаната цел во борбата против аерозагадувањето, а тоа е секаде во јавните институции, каде греењето се уште е на нафта или мазут, да се замени со еколошки начини на загревање.

- Во борбата за почист воздух, нашата Општина, Министерството за животна средина и просторно планирање, и Владата преземаат сериозни чекори да се обезбедат прочистувачи на воздухот за објектите каде што најмладите го поминуваат најголемиот дел од денот. На вчерашната 24-та седница на Советот на општината, прифативме донација согласно одлуката на Владата на РМ. Како донација на МЖСПП вкупно се донирани 17 прочистувачи за воздух и истите се распоредени во три објекта и тоа во ЈУДГ ОЦ „Кочо Рацин“ – 9 прочистувачи, ЈУДГ ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“ 5 и ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“ – 3 прочистувачи. Во план е овој тренд да продолжи во соработка со Град Скопје, Министерството за животна средина и Владата – во таа прилика изјави градоначалникот Богдановиќ.