Министерот Дураки поднесе оставка на функцијата министер за животна средина и просторно планирање

Денеска, министерот Садула Дураки поднесе оставка на функцијата министер за животна средина и просторно планирање од причина што е предложен за министер на новотo Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во оставката упатенa до премиерот Заев, Дураки вели:

„Ви благодарам Вам и на сите членови на Владата како и на претставниците во Собранието за искажаната доверба и за доделената чест да допринесам во подобрување на состојбата во животната средина во Република Северна Македонија.

Морам да истакнам дека изминатиот период додека ја извршував функцијата се соочивме со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина. Според сегашната состојба некои од тие предизвици успешно ги надминавме. Јас и мојот тим во изминатиот период макотрпно работевме и го вложивме целото наше знаење и способност во решавање на проблемите, но некои проблеми бараат долгорочен и системски пристап.

Не би сакал да звучам нескромно, но многу мали и големи проекти спроведени од страна на Министерството, во време на моето раководење со истото, ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина. Сепак морам да нагласам дека за жал во некои области од животната средина се уште сме немоќни да направиме подобрување или одржување.

Министерството располага со стручен кадар кој несебично ќе се вложи и ќе му помогне на новиот тим да креира и да ги спроведува политиките во животната средина и просторното планирање.

И за крај да истакнам дека ќе ми биде чест и задоволство да бидам дел од новиот тим, каде што несебично ќе можам да допринесам за успешно чекорење на нашата држава кон Европските интеграции“.