Министерот Амети во Тирана на Тркалезна маса за заедничката визија за прекугранично заштитено подрачје Шар Планина – Кораб

Minister_Ameti(27.03.2017г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети денеска во Тирана, Р. Албанија, учествуваше на Тркалезната маса на високо ниво по повод започнувањето на Проектот “Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Биолошка разновидност”. На настанот, на кој учество земаа и министрите за животна средина од Косово и Албанија, се дискутираше за имплементацијата на Заедничката визија за прекугранично заштитено подрачје Шар Планина – Кораб, за која Р. Македонија даде и политичка поддршка во 2013 година со потпишувањето на Трилатералната Декларација меѓу Македонија, Албанија и Косово.

- Овој проект го гледам како можност за унапредување на досегашната успешна регионална соработка на полето на заштитата на биолошката разновидност, особено во делот на прекуграничните заштитени подрачја – истакна по тој повод министерот Амети, додавајќи дека Р. Македонија се одликува со огромна биолошка разновидност чии основни обележја се богатствотото и хетерогеноста на видовите и екосистемите, што се должи на специфична географска положба, климатските, геолошките, геоморфолошките, хидрографските, педолошките и други фактори. Неопходноста од превземање на координирана акција на локално, регионално и глобано ниво, за превенција, намалување и ублажување на штетните влијанија врз биолошката разновидност е потребна и добредојдена.

Досега, во тек е реализацијата на проектите “Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето” и “Зачувување и одржливо користење на биодиверзитетот на Преспанско, Охридско и Скадарско Езеро”.

Во 2016 година се спроведе EУ IPA проект: “Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000”, преку кој се подготви нов Закон за заштита на природата и подзаконски акти, заради целосно транспонирање на ЕУ директивите за живеалишта и птици. Истата година, прекуграничната соработка помеѓу Македонија, Албанија и Грција за заштита на природата беше унапредена преку формирање на Фонд за заштита на природата Преспа – Охрид (PONT).

Во рамките на посетата на Тирана, министерот Амети оствари билатерални средби со албанскиот министер за животна средина Лефтер Кока и косовскиот Ферат Шала.