Конференција „Хидроенергетски проекти и заштита на природата – предизвици и решенија“

(25.03.2019) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, присуствуваше на меѓународната конференција: „Хидроенергетски проекти и заштита на природата – предизвици и решенија“, која во организација на  на Фронт 21/42, се одржа во Скопје.

Конференцијата е во рамки на кампањата „Синото срце на Европа“, која има за цел заштита на реките и нивите теченија.

- Денес, кога заборуваме за предизвиците и решенијата во однос на хидроцентралите, водите и реките, реалноста е следна: од една страна имаме потреба и ги стимулираме обновливите извори на енергија, и јасна е пораката дека термоелектраните треба да ги заменуваме со друг вид на извори на енергија, чисти, обновливи, како хидроенергијата. Од друга страна, сведоци сме дека за користење на хидропотенцијалот на реките веќе има изградено голем број хидроцентрали – изјави Макрадули во воведното обраќање.

Според него, потрагата по обновливи извори на енергија треба да се насочи кон подрачја кои не се заштитени и во кои, со изградба на објекти за производство на електрична енергија нема да се загрози природата и биодиверзитетот, воедно потенцирајќи го значењето на хидропотенцијалот на реките. 

-Она што како институции можеме да го направиме е да ја зголемиме меѓусебната координација меѓу Министерството за животна средина и Министерството за економија со граѓанските организации за соочување со предизвиците и изнаоѓање на заеднички решенија за проблемот со изградба на хидроцентралите, но со поголемо вклучување на науката – рече Макрадули

На конференцијата се обрати и Александра Бујаровска од Фронт 21/42, која истакна дека, во нашата држава, кога станува збор за обезбедување на електрична енергија од обновливи извори, со најголем удел се големите, а потоа и малите хидроцентрали, додека фотоволтаичните системи и ветерните електрани се вклучени со најмал процент.

На конференцијата експерти од земјата и странство зборува за предизвиците и можностите за зачувување на реките на Балканот, со акцент на хидро-енергетските проекти и заштитата на природата, можностите за заштита на дивите реки и предели, како и еколошките и социјални влијание на малите хидроцентрали. Се зборуваше и за планираните хидро-енергетски проекти во НП Маврово.

Во рамки на конференцијата беше проектиран и филмот „Сино срце“.