„Климатските промени-реалност или илузија“

Klimatski_makraduli_5(07.12.2018г.) „Климатските промени-реалност или илузија“е темата на која денес претставниците на граѓанските здруженија разговараа со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) кои работат на темата климатски промени. Настанот е организиран по повод одржувањето на глобалната Конференција за климатски промени во Полска (СОР24, Катовице, 2-14 декември 2018г.).

Нагласувајќи дека постои цврст линк помеѓу климатските промени и другите области на животната средина меѓу кои и аерозагадувањето, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули рече дека ова е област каде што Македонија има исклучително добар напредок и според светските критериуми е препозната како една од 16-те климатски најамбициозни држави. Според него, Македонија е  една од ретките земји каде веќе започна да се работи Четвртиот национален извештај и Третиот двогодишен извештај за климатски промени по што сме многу понапред и од некои држави членки на ЕУ. Успехот во оваа област Макрадули го гледа во исклучитело добрата соработка со академската заедница, пред се со МАНУ, со УНДП, проектната единица која што се грижи за климатските промени и секако и невладиниот сектор.

Заклучоците од последниот Меѓувладин панел за климатски промени на кој се разгледуваше како разликата од половина степен целзиусов влијае врз климата и врз планетата Земја воошто, ги презентираше д-р Наташа Марковска од МАНУ. Според нејзе потребна е итна акција за да се ограничи температурата и да се зголемат амбициите.

Павлина Здравева, проектен менаџер од УНДП ги презентираше активностите и истражувањата од Вториот двогодишен извештај за климатски промени, ги објасни алатките за визуелизација на резултатите и ги најави следните активности.

Меѓутоа основната цел на работилницата беше да се обезбеди учество на јавноста и полесен пристап до информации во врска со донесувањето одлуки поврзани со климатските промени, како клучен фактор за ефективна #KлиматскаAкција. Фокусот беше ставен на соработката на државните институции и граѓанското општество и неговата улога во планирањето и спроведувањето на мерките за ублажување и адаптација со што се придонесува за повисоки национални амбиции и поефикасна имплементација на политиките.

За да не се дозволи климатските промени секој да ги толкува на свој начин и низ своја перспектива, туку да се разгледуваат врз факти засновани на научни истражувања, потребно е развивање на правилна комуникација и споделување на податоци со сите засегнати страни и на потребното ниво. За ова цел изработена е Комуникациска стратегија и Акциски комуникациски план за чија имплементација е задолжена Канцеларијата за комуникација со јавност на МЖСПП. Со нив се предвидува како анализите од националните извештаи за климатски промени да се преточат во лесно разбирливи акции, а добрите практики и искуствата да се споделуваат со цел климатските промени да ги гледаме како реалност, а не како илузија.

На претставниците на невладиниот сектор им беа презентирани и интернет алатките, со кои можат многу едноставно да ги споделуваат, но и да ги добиваат информациите од националната веб страница: www.klimatskipromeni.mk која треба да прерасне во национална платформа за #КлиматскаАкција.