Започнува реализација на проектот „Да зборуваме за климатските промени“

„Да зборуваме за климатските промени“ е името на новиот проект со кој граѓанските здруженија Екосвест, ЦНВП Македонија и Дем во наредните три години ќе ги зајакнуваат капацитетите на граѓанските организации на локално и национално ниво градејќи климатски коалиции и подигнувајќи го нивото на свеста за важноста на приспособување кон климатските промени на сите нивоа и на сите засегнати страни.

Поздравувајќи ја оваа граѓанска иницијатива која е финансирана од Европската Унија, заменик министерот Јани Макарадули во воведното обраќање нагласи дека според него преземање климатска акција е еден од најголемите предизвици во политиката и дека треба да бидеме свесни дека секое одложување на активностите значи построга регулација во иднината.

Препознавајќи ја улогата на граѓанскиот сектор како еден од чинителите во реализирањето на успешни национални климатски акции Макрадули истакна дека дава искрена лична и институционална поддршка на овој проект при што очекува видливи резултати.