Заедно да го победиме загадувањето од отпадот од пластика

33Со Ивце Пивце, магионичарот Меџик Кристијан и хорчето „Поточиња“, преку игра, песна, едукација и еко-трикови, околу 300 ученици од 9 скопски основни училишта и тоа: ОУ„Аврам Писевски“, ОУ„ Кузман Шапкарев“, ОУ „Крум Тошев“, ОУ „Браќа Миладиновци“, ОУ „Димитар Поп Георѓиев Беровски“, ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Тефејуз“ и ОУ „Конгреси и Манастирит“ кои во текот на учебната 2017/2018 година собраа најмногу пластични шишиња и ги предадоа за рециклирање на ПАКОМАК, ја пратија пораката дека се подготвени да го сменат своето однесување кон пластиката и со тоа поодговорно да се грижат за животната средина, живиот свет и сопственото здравје.

Со овој настан кој денес се одржа во Градскиот парк во Скопје беше одбележан Светскиот ден на животната средина, чија овогодишна тема е посветена на глобалната заложба за намалување на отпадот од пластика, особено на пластичните производи за еднократна употреба.

Темата е избрана од страна на овогодинешниот домаќин, Индија и со неа всушност се повикуваме сите да размислиме како можеме да направиме промени во нашиот секојдневен живот, да ја намалиме употребата на пластика за еднократна употреба и да развиваме позитивни навики за селекција и рециклирање.

На пример, загрижувачки е податокот кој го објави УНЕП на официјалната веб страница дека пластиката што завршува во океаните може да ја заобиколи Земјата четири пати во една година и може да трае до 1.000 години пред целосно да се распадне.

Настанот го организираа Министерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина во Македонија. Но, кон нив се приклучија бројни институции, организации и компании: Град Скопје и општините во градот, колективните постапувачи со отпад ПАКОМАК и НУЛА ОТПАД, ЈП Комунална Хигиена Скопје, ЈСП, Титан УСЈЕ, Пивара Скопје и Црвен Крст.

На крајот од настанот на присутните им беа доделени подароци од спонзорите и партнерите со кои беше пратена силна еколошка порака дека изборот за тоа какви производи ќе користиме е наш. А од изборот каде ќе заврши отпадот од пакување зависи квалитетот на нашиот живот и животот на идните генерации.