Дураки: Новоизградената пречистителна станица во Кичево работи со полн капацитет, а ќе се гради и нова канализациона мрежа

Minister_Kicevo1Денес (09.03.2018) во Кичево, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари остварија работна средба по што извршија посета на пробната работа на пречистителната станица за отпадни води во Кичево. Министерството за животна средина и просторно планирање ја започна изградбата на пречистителната станица во Кичево во 2016 со финансиска поддршка на Европската Унија, како и на Владата на Република Македонија во висина од над 8 милиона евра.

Истата во декември 2017, е веќе пуштена во пробна работа година и во моментот се спроведуваат тестовите. Пречистителната станица е со капацитет за пречистување на отпадна вода за48.000 еквивалент на жители и во голема мерка ќе придoнесе кон подобра заштитата на животната средина а особено на квалитетот на водите на Зајашка река, како и на реката Треска.

Воедно, Министерството за животна средина и просторно планирање, со финансиска поддршка на ЕУ во рамките на ИПА 2 компонентата, веќе го подготвува проектот за изградба и проширување на канализационата мрежа во општина Кичево со вредност од над 13 милиони евра. Во декември 2017, Владата на Република Македонија го одобри овој проект и ИПА апликацијате е доставена до Делегацијата на Европската Унија од страна на Секретаријатот за европски прашања.

Притоа министерот Дураки нагласи дека: Со овој проект ќе се изврши изградба на нова и проширување и рехабилитација на постојнaта канализациона мрежа и тоа во градското подрачје на Кичево, во Зајас, Строгомиште и Јужен Осломеј, со што целосно ќе се решат проблемите со канализацијата во општина Кичево, како и во општина Зајас и ќе се изврши поврзување на домаќинствата со канализациониот систем.

Сета вода од овие места ќе биде донесена до пречистителната станица и истата ќе биде прочистена.

Реализацијата на проектот за канализација, кој е значаен проект за граѓаните од целиот регион, се очекува да започне во октомври 2018 година по склучувањето на договор со изведувачот.