Договорена поблиска соработка помеѓу Северна Македонија и Грција во областа на животната средина

(28.02.2019г.) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули оствари работна средба со генералниот секретар за меѓународни и економски односи во грчкото Министерство за надворешни работи, Јанис Брахос, кој беше придружуван од амбасадорот Димитрис Јанакакис, и делегација од канцеларијата за економски прашања при Генералниот секретаријат во Владата на Грција.

На средбата двете страни изразија подготвеност за интензивирање на поблиска соработка како преку имплементација на заеднички проекти, така и преку меѓусебна поддршка за проекти финансирани преку фондовите на Европската Унија од областа на животната средина и прекуграничната соработка. 

Притоа, двете страни се согласија дека преспанскиот договор покрај политичката димензија има и имплементациска компонента. Го започнуваме процесот на изработка на акциски план за имплементација на заеднички проекти од областа на заштита на животната средина.

Со договорот се создадени услови за конкретни  иницијативи за поблиска соработка и координација на меѓусебните активности во областа на животната средина, помеѓу двете земји.