Годишна прес конференција на Министерот за животна средина

pres1(13.01.2016 год.) Денеска министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири одржа годишна прес-конференција на која ја информираше јавноста за работата на Министерството во изминатата година. По тој повод тој рече:

Ви посакувам добредојде на оваа наша прва средба во новата 2016 година, на која сакам да Ве информирам за работата на Министерството за животна средина и просторно планирање во годината што измина. Она што беше моја заложба и на што ги фокусиравме сите расположиви ресурси на Министерството е систематска работа во заштитата на сите медиуми на животната средина и на целата територија на државата. Ова е во согласност со Програмата за работа на Владата на РМ во која заштитата на животната средина е високо рангирана, а е во согласност и со процесот на приближување кон Европската Унија. Тоа наметна значителни обврски во однос на зголемување на степенот на инвестиции во животната средина, но и во процесите кои треба да се спроведат за подобрување на капацитетите, институционално преструктурирање и зајакнување на администрацијата на централно и локално ниво. Земајќи ги во предвид тековните процеси, Министерството за животна средина и просторно планирање во областа на животната средина имлементираше низа проекти, мерки и активности:

Заштита на водните ресурси, односно изградба на системи за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води е една од приоритените области на делување во изминатава година. Министерството реализира повеќе проекти, со средства обезбедени од буџетот, донаторски средства и средства обезбедени преку ИПА програмата. Во оваа прилика не би ги набројувал проектите. Нив ги имате Во прилогот кој Ви го подготвивме, но би напоменал дека тие се повеќе од 40-ина и со вредност од окoлу 30 милиони евра. Како позначајни би ги именувал: Изградба на канал за собирање на фекална и атмосферска вода во општина Арачиново-1.5 милиони евра, Изградба на дел од фекална канализација во населено место Сингелиќ, општина Гази Баба – 91 милион денари, Изградба на довод за вода за Тетово 115 милиони денари, Изградба на пречистителна станица и главен колектор за отпадни води во Кочани со вкупна вредност од 23 милиони швајцарски франци, Проектирање и изградба на филтер станица на системот за водоснабдување во Гостивар со вкупна вредност од 2 милиона евра, Изградба на пречистителна станица за отпадни води во Гевгелија- 9.6 милони евра, Изградба на канализациона мрежа I и II фаза со пречиститена станица за отпадни води за Прилеп- 25 милиони евра како и голем број на други проекти.

Посебно важно е дека во 2015 година успеавме да искористиме добар дел од достапните европски фондови за предпристапната помош. Имено во текот на 2015 година, во рамките на ИПА компонента завршени се 7 проекти, во фаза на имплементација се 11 проекти, за 2 проекти евауацијата е завршена и треба да започнат во јануари 2016 година, а 2 проекти треба да започнат во март 2016 година.

Воедно, за нас беше голем предизвик да се комплетира тендерската документација за изградба на три пречистителни станици во Репбулика Македонија, и тоа во Струмица, Радовиш и Кичево, како и за проширување и рехабилитација на канализационите мрежи во Куманово и Берово. Со посебно задоволство би напоменал дека за последните две се веќе потпишани договорите за градба и реализацијата на проектните акстивности ќе започне во февруари 2016 година по склучувањето на договорите за спроведување на надзор.

Во делот на изготвување на планови и програми за заштита на водните ресурси, изготвени се: План за управување со речниот слив на реката Брегалница, План за управување со речниот слив на реката Струмица, Имплементација на Планот за управување со Преспанското Езеро, План за управување со речниот слив на реката Црн Дрим, како и изготвување на Национална Студија за Води.

Исто така, Министерството распределува и средствата остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски додатоци за 2014, а реализирани во 2015 год. за опшините Новаци, Битола, Могила, Кичево и Гази Баба во вредност од 30 милиони денари. Во овој период, исто така се продолжи со реализација на Акцискиот план за чистење на реките и речните корита за што, заклучно со 09.12.2015г., се испорачани вкупно 708.000 литри нафта. Во текот на 2015 година, во име на Владата на Република Македонија потпишавме 15 договори за концесии за изградба на 25 мали хидроелектрични централи.

Што се однесува до управувањето со отпад, во текот на2015г. активно се продолжи со започнатите процеси. Во изминатиов период нашите активности беа насочени кон заокружување на изработката на потребните документи за регионално управување во Источниот и Североисточниот регион, како и започнување на постапката за изработка на потребните документи за уште 4 региони: Вардарскиот, Скопскиот, Пелагонискиот и Југозападниот регион. Сите овие активности се спроведуваат преку 4 проекти во рамките на ИПА програмата за кои се обезбедени средства во вредност од 5 милиони евра.

3. Во доменот на следењето на квалитетот на амбиенталниот воздух, Министерството за животна средина континуирано врши одржување на Државниот мониторинг систем, а преку веб порталот граѓаните постојано се информирани за состојбата со воздухот. Извештајот за работата на Македонскиот информативен систем можете да го најдете на веб страницата на Министерството. Она што во оваа прилика би сакал да го напоменам се однесува за најактуелното прашање со кое ја завршивме претходната година, а тоа е мониторингот на амбиенталниот воздух. Во тој контекст, во рамките на ингеренциите што ни ги дава законот започнавме со реализација два позначајни проекти. Во рамките на твининг проектот “Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на квалитетот на воздухот” се започна со подготовката на Планот за квалитет на воздух за Скопје и со подготвката на краткорочните акциони планови за Скопје и Тетово. Дополнително во рамките на твининг проектот ќе се изработи и Планот за квалитет на воздух во Тетово. Со истиот проект се започнати и индикативни мерења на тешки метали во Тетово и во Скопје со што ќе можеме да ги утврдиме изворите на загадување на воздухот. Резултатите од овие мерење се очекуваат кон крајот на април.

4. Во однос на заштитата на природните вредности се изработува Проектот: “Програма за зачувување на природата”, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, започнаа активности за изработка на Национална Стратегија за заштита на природа како обврска што произлегува од националното законодавство, и активности за изработка на Национална студија за состојбата со геодиверзитетот и геолошкото наследство во Македонија. Исто така, изработена е веб-страница на тема: “Да ја израдуваме природата“ за промоција на Националните паркови Маврово, Пелистер и Галичица (http://priroda.moepp.gov.mk).

5. Посебно би сакал да го истакнам успехот кој Министерството го постигна во однос на климатски промени. Имено во соработка со домашните и меѓународните партнери го изработивме, а Владата на Р.Македонија го усвои Првиот двогодишен ревидиран извештај за климатски промени, кој е поднесен до Секретаријатот на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, со што Република Македонија е првата држава во регионот и 11-та во светот која ја реализира оваа обврска. Во рамките на претседателството со Централно европската иницијатива-CEI, Министерството организираше Министерска конференција –”Кон самитот во Париз, предизвици за земјите членки на Централно европската иницијатива-CEI”, која се одржа на 6 ноември 2015 г, и на која се дискутираа националните придонеси кон климатските промени на државите. Како резултат од Конференцијата произлезе заедничка декларација за важноста на постигнување договор во Париз. Во продолжение, делагација од РМ, учествуваше и на лидерскиот и на министерски дел на Самитот за клима во Париз.

Министерството во тековната 2015 година спроведе голем број на активности и во другите сегменти кои се во нејзина надлежност. Донесени се поголем број на правни акти, а во рамките на меѓународната соработка остварени се низа билатерални и мултилатерални средби со кои се отворија теми и можности за развивање на поширока и зајакнување на постоечката соработка. Подетални информации ќе најдете во приложениот материјал кон оваа прес конференција.