Болницата во Струмица ќе се приклучи на гасоводната мрежа

Makraduli_strumica1Во посета на општина Струмица денеска престојуваше заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. По средбата со градоначалникот Коста Јаневски на која се разговараше за мерките со кои ќе се намали загадувањето на амбиенталниот воздух, во изјавата за медиумите пред мерната станица во кругот на болницата, беше најавено дека истата ќе се приклучи на гасоводната мрежа.

Градоначалникот Јаневски ја потенцираше желбата за решавање на проблемите, а ја потврди со поставувањето на мерните станици со кои се лоцираше проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух за кој претходно немало доволно сознанија.

-Тоа е еден од важните чекори и иницирање на една голема опсежна акција која што треба да го подобри амбиенталниот воздух во нашиот град. Се повеќе добиваме потврда и од релевантни научни фактори дека главен причинител за загадувањето во нашата општина е огревот и сега имаме помоќно оружје да се реши овој проблем. Според мене, еден од суштинските начини за решавање на овој проблем е тоа што Струмица повеќе години наназад го афирмираше како една голема акција, а тоа е гасификацијата, која се покажува дека бил еден визионерски проект и јас сум убеден дека нашите граѓани се повеќе ќе се уверат дека тоа е нашата иднина. Ние направивме и акционен план, дадовме конкретни предлози до Владата кои би требало овој енергенс да го направат поефтин за да може нашите граѓани да се приклучуваат. Предложивме данокот на додадена вредност на гасот да се намали од 18 на 5 проценти и има расположение тоа да се направи, потоа да се субвенционираат горилници и приклучни елементи и според мене тоа е реалниот начин на кој треба овој проблем да се решава, со проширувањето на мрежата за гасификација. Овој проблем заеднички треба сите да го решаваме, тоа најмалку е тема за која треба да постои популизам или дневно политички препукувања. Општина Струмица и досега го субвенционира секој приклучок со 100 евра, од еколошки аспект Советот изгласа една мерка со која идните инвеститори на згради и домови ако се одлучат да применат зелени кровови и фасади имаат олеснување од осум проценти од комуналните давачки, аплициравме до Светска банка за кредит за проширување на гасоводната мрежа и тоа се суштински мерки кои ќе вродат плод, но свесни сме сите дека тоа е еден подолготраен процес во кој краткорочните мерки нема да дадат ефект, иако и тие постојат и ги применуваме согласно упатствата од министерството за животна средина, рече градоначалникот Јаневски.

Според заменик министерот Макрадули, не постои друг поголем приоритет освен гасификацијата, бидејќи во овој момент нема поеколошки извор на енергија за големи корисници и затоа останува приоритет на Владата на Република Македонија.

-Ме радува подготвеноста на Општината. Струмица е прва општина која што го започна процесот на гасификација, пример за другите општини и верувам дека прва ќе го заокружи процесот на гасификација на сите јавни установи кои што се во листата на приоритети на Планот за чист воздух на Владата на Република Македонија, рече Макрадули.

Директорот на болницата, д-р Наќе Гогов потврди дека се подготвени за промена и приклучување на гасоводната мрежа во наредната грејна сезона.